Од денеска до 9 мај граѓаните ќе можат да проверат дали нивното име се наоѓа во Избирачкиот список. Списокот денеска е ставен на увид во електронска верзија на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК) и во 34 подрачните единици на Комисијата во земјата. Избирачкиот список треба да биде заклучен до 19 мај.
Увидот преку веб-страницата на ДИК (www.sec.mk) граѓанинот може да го направи со внесување на матичниот број и кодот што ќе се појави. Со важечки документи и лично граѓаните може да направат увид во Избирачкиот список во подрачните единици на ДИК, информираат од Комисијата.
Исто така ДИК преку МНР треба да ги достави посебните изводи од Избирачкиот список до дипломатско конзуларните претставништва на увид за лицата на привремена работа или престој во странство.
Во рок од пет дена од денот на завршувањето на јавниот увид, Избирачкиот список го доставува до политичките партии. Партиите во рок од пет дена односно до 19 мај до ДИК треба да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци од Избирачкиот списпок. По нивните барања ДИК треба да одлучи во рок од три дена од приемот на барањето.
ДИК, како што информираат од Комисијата, денеска треба да одржи седница на која се очекува да биде усвоен конечен извештај од вкрстените проверки и административната анализа за ажурирање на Избирачкиот список и да бидат усвоени одредени одлуки во врска со избирниот процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.