| четврток, 6 декември 2018 |

(Видео) Сара пее за Тоше – „Убав сон“ напишана од неговиот басист

Басистот на Тоше Проески, Трајко Симоновски-Таци, неколку месеци по смртта на Тоше напиша песна во која како последен поздрав му посака „Убав сон“.

Песната напишана во јануари 2008 година е комплетно дело на Таци, кој воедно е и продуцент, а како гостин-пејач се јавува ексклузивката на „Горила продукција“, Сара Мејс.

– Не сакав да направам класична поп-песна, а искрена песна која ќе ги опише комплицираните емоции насобрани во мене кога се случи тоа што се случи – изјавува Таци.

Тој за Сара вели дека е толку многу полна со музика и искрени емоции, што веднаш почувствувал дека нејзиниот вокал е вистинската допирна точка со визијата за  точно замислениот звук на „Убав сон“. Песната поминала низ неколку верзии додека да ја добие конечната форма. Првобитно идејата била таа да биде снимена од бендот на Тоше, но истата била набргу отфрлена.

Па, така Матрин Вучиќ ги снима тапаните, Сашко Николковски-Сале (клавијатуристот од бендот на Тоше) ги отсвирува клавијатурите, придружни вокали пее  Нина Јанева, а мастерингот е на Валентино Скендеровски.

– Бев 17-годишна клинка, снимавме со Таци неколку песни, одев кај него во студио редовно и бев пресреќна зашто учев многу работи од него. „Убав сон“ е едно пределикатно нешто. Приказна, која ми претставува чест да ја раскажам –  изјави Сара за соработката со Таци.

58813_10151542258781749_1353410012_n

Сара Костадиновска

Воедно, талентираната Сара не престанува да освојува награди и да нѐ претставува овојпат во светски рамки. Пред неколку месеци беше прогласена за странски студент на годината на Р. Бугарија за 2012 година, а пред неколку  дена освои втора награда на Меѓународниот натпревар по композиција „Млади виртуози“, кој се одржа во Софија – Бугарија, со композицијата за соло-виолина „Трипл конфешн“ („Тriple confession“), каде што ги остави Јужна Кореја и  Франција зад себе, на трето и четврто место. Во музичката трка учествуваа претставници од 15 држави, како Јапонија, Тајван, Шпанија, Германија, Русија, Србија, Чешка, Молдавија, Полска, САД, Бугарија, Јужна Кореја, Франција, Романија и Македонија.

Сара учи композиција во класата на проф. Драгостинов, харфа и поп и џез пеење (во класите на проф. Христова и Тодорова). Во трите специјалнсти е подеднакво успешна, а нејзината следна пројава е концерт на 5 харфи, посветен на големиот композитор, харфист и педагог Алфонс Хазелманс. Концертот носи наслов „Харфата извор на инспирација II“, проект на светски докажаната харфистка Сузана Клинчарова (професорка на музичката академија во Париз) и е дел од фестивалот „Софијски музички седмици“.

Концертот ќе се случи на 15 април во театарот „Иван Вазов“ – Софија, каде што и премиерно ќе биде изведено делото за 5 харфи на Сара Мејс (Сара Костадиновска) – „Ghnasdomniah“, посветено на нејзините учители.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top