
Ивица Обрван и официјално повеќе не е селектор на македонската ракометна репрезентација откако Управниот Одбор ја прифати неговата оставка дадена по неуспехот во Гдањск. Претседателот Живко Мукаетов откри дека размислувал за сличен чекор и по ЕП 2016 во Полска во јануари, но по долго размислување и консултации со луѓе од ракометот сепак го сменил својот став.
– Да бидам искрен, јас по поразот од Белорусија во Краков сериозно размислував дека е време за разделба од Ивица Обрван. Одлуката ми беше во глава, но кога дојдов во Скопје и разговарав со дваесетина луѓе директно инволвирани во ракометот, речиси сите ме предупредија дека не треба да се решиме за коренити промени во така краток период. Како пример ми наведоа други спортови и такви одлуки за избрзани решенија кои потоа се одразија врз резултатите на нивните предолимписки турнир. Ги согледав тие аргументи и ги прифатив, останавме со истиот стручен штаб. Од денешен аспект знам дека одлуката беше погрешна – истакна Мукаетов пред Управниот Одбор, по што едногласно беше прифатена оставката на хрватскиот стратег.
В понеделник ќе биде испишан конкурс за нов селектор, а ќе биде формирана комисија во состав Милчо Чакарески, Гино Стрезовски и Славе Атанасовски, која потоа ќе го изврши изборот на нов кормилар, кој ќе ја води репрезентацијата во јунскиот бараж со Чешка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


