Барањата на „Протестирам“ се речиси идентични како оние на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тоа се одложување на изборите на неодреден период, формирање преодна влада, реформи во медиумите, како и прочистување на Избирачкиот список, пишува Телеграф.мк.
Повикувајќи се на изјави на граѓанското движење „Протестирам“, кое се јавува како организатор на протестите во Скопје, порталот додава дека „Протестирам“ никаде не е регистрирано. Членовите на „Протестирам“ велат дека не гледаат потреба да бидат регистрирани и дека не сакаат да се експонираат.
Функционираме како неформална граѓанска иницијатива. Го користиме правото на протест како и сите граѓани. Не сакаме да се истакнуваме како лидери, туку како група, вели Владимир Делев, член на „Протестирам“, пренесува порталот.
Инаку, „Телеграф“ потсетува дека граѓанската иницијатива се покренува пред советот на општината и градот Скопје, по предлог на 100 граѓани.
Сквернавење на споменици и уништување на државен и приватен имот
Во изминатите денови македонската јавност беше сведок на насилните протести, кои се во организација на „Протестирам“.
Jавноста беше сведок на неколку сериозни инциденти што се случија во текот на изминатите две недели, како што е демолирањето на канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов, каменувањето на Министерството за правда, обидот насилно да се влезе во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, како и гаѓањето со боја врз Министерството за култура и врз „Порта Македонија“.
Во текот на вчерашните протести, пак, на удар се најдоа споменикот „Прометеј“ во Паркот на жената борец, како и зградата на Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.