| четврток, 6 декември 2018 |

Беса го обвинува министерството за култура за етничка дискриминација

Движењето Беса го обвинува Министерството за култура за етничка дискриминација.

Министерството објавило оглас за вработување на двајца државни службеници, еден помошник-раководител во секторот за издавачка дејност и еден помошник-раководител во секторот за културно наследство, во кој меѓу другото се наведува дека службеникот треба да биде „Македонец/Македонка“.

„После доаѓањето на власт на новата влада, која меѓу друго доби и значителен број на албански гласови, никој не очекуваше државните службеници да бидат примени според етничката припадност, освен во случаите кога треба да се почитува правичната и пропорционалната застапеност на незастапените заедници. Затоа, Движењето Беса смета дека ова е скандал кој потврдува дека речиси воопшто не е променето едноумието и дека продолжува стариот терк на дискриминација“, соопшти Беса.

Од партијата бараат овој конкурс да биде поништен или да се сменат условите за прием на државните службеници “не специфицирајќи ја етничката припадност, туку само познавањето на јазиците, бидејќи ова оневозможува еднаков натпревар за сите граѓани на Република Македонија за работно место”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top