Денес ќе објавам нов проект за земјоделците и за земјоделието во Македонија наречен „Агробизнис-зона Македонија“. Ова подразбира интегрирана зона во која на едно место ќе бидат застапени и сконцентрирани складишните центри, трговците и компаниите, како и други претставници на синџирот на набавки на свежи и на преработени земјоделски производи, се разбира на доброволна база – рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ во своето обраќање.
Груевски рече дека „Агробизнис-зона Македонија“ ќе овозможи собирање на свежото земјоделско производство на Република Македонија и негова дистрибуција кон крајните потрошувачи во државата и надвор од неа.
-Главни бизнис-активности што ќе се нудат ќе бидат калибрирање, пакување и разладување, определување на цената на берза, товарење и дистрибуција и, се разбира, купопродажба. Македонија ќе добие интегриран систем на земјоделското производство, што ќе го намали бројот на учесници во синџирот на набавки, а со самото тоа ќе овозможи и поволна цена за земјоделските производи, но и механизам за воспоставување на фер цена и амортизација на ценовните шокови во период на пазарни вишоци – рече Груевски.
Од суштинска важност е што на едно место, рече тој, ќе се соберат производителите и купувачите во поголем број, а со тоа се зголемува и потенцијалот за достигнување на конкурентни пазарни цени.
-Можноста за договарање и за уривање на цените се сведува на минимум бидејќи конкуренцијата ќе биде многу голема и концентрирана на едно место, а тоа е исклучително важно за производителите и она што претставува сериозен предизвик со децении наназад – рече Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.