Со изложба на фотографии, плакати, награди, промоции, гостувања на Театарот за деца и младинци, свечена прослава и премиера на претставата „Буре барут“ од Дејан Дуковски, а во режија на Сашо Миленковски, в четврток, на 21 април ќе се одбележи јубилејот 70 години Национална установа Драмски театар Скопје, најави директорот Роберт Вељановски.
– Ќе имаме еден вид целодневен концерт во Драмски, на 21 април, кога оваа установа го прославува јубилејот 70 години Драмски театар – изјави Вељановски.
Во 10 часот ќе има отворање на изложбата на фотографии, плакати и награди од 70-годишната историја на Драмски. Во 10.30 часот е промоцијата на „Театарски гласник“, кој ќе го промовираат академик Витомир Матевски и Ристе Стефановски. Во 11 часот е планирано доделување на плакети и благодарници за вработените и на културните работници кои оставиле белег во работењето на Драмски. Во 12.30 часот е предвидено гостување на Театарот за деца и младинци од Скопје со претставата „Македонска приказна“. Денот на одбележувањето на роденденот на Драмски завршува со свечена прослава и со доделување на признанија на заслужни културни работници и премиера на претставата „Буре барут“ од Дуковски, а во режија на Миленковски.
Вељановски најави дека ќе продолжат гостувањата на театрите од Македонија на сцената на Драмски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.