| четврток, 6 декември 2018 |

Јолевски: Македонија им ги чува границите, но не може во НАТО и во ЕУ

Полноправното членство во НАТО и во ЕУ е клучен приоритет на Владата на Република Македонија и ќе придонесе кон поголема стабилност и безбедност во регионот и пошироко. Македонија е подготвена да стане дел од НАТО и ги исполнува сите критериуми за влез во Алијансата, истакна министерот за одбрана, Зоран Јолевски, во интервју за регионалниот портал „Балкан дефенс“, говорејќи за влијанието на Македонија во регионалната безбедност и дваесетгодишниот процес за членство во НАТО.

Во однос на мигрантската криза, Јолевски потенцира дека начинот на кој Република Македонија се соочува со мигрантската криза е уште еден аргумент зошто нашата држава ја заслужи поканата за членство во НАТО.

– Ние покажавме дека имаме капацитети кои придонесуваат кон безбедноста на Алијансата – вели Јолевски во интервјуто.

Цитирајќи ја американската конгресменка Кандис Милер, дека македонските војници ги чуваат шаторите на НАТО во Кабул, но не им е дозволено да спијат во нив, Јолевски истакнува дека денес Македонија ја чува шенгенската зона и европската граница, но не ѝ е дозволено да биде дел од НАТО и од ЕУ.

Според него, членството во овие организации не значи само права, туку и обврски.

– Ние покажавме дека сме спремни да ги исполниме тие обврски. Ние придонесуваме кон безбедноста на европскиот континент, придонесуваме кон соочувањето со мигрантскиот проблем, но не можеме да ги уживаме предностите од евро-атлантските структури. НАТО и ЕУ даваат голема поддршка за Македонија, но ние заслужуваме да станеме целосни членови во овие организации – додава министерот.

Во интервјуто Јолевски се осврнува и на развојните процеси во АРМ и посочува дека АРМ е мала, мобилна, ефективна и добро опремена армија која редовно се соочува со сите предизвици.

– Нашите цели се уште повеќе да ја подобриме армијата. Македонија е мала држава, но нејзините граѓани имаат силна волја, дух, интегритет и силен мотив да живеат во мир, безбедност и во развој. Тоа се одразува во припадниците на Армијата кои отсекогаш ја уживале силната поддршка на граѓаните од самото осамостојување на државата. Таа доверба тие ја заслужија преку нивните дела, преку помошта дадена на граѓаните на Република Македонија во случаи на лошо време, во ситуации на ризик и во предизвици на нашата безбедност – истакнал министерот Јолевски во интервју за „Балкан Дефенс“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top