Денеска во Домот на АРМ, 32 припадници на Армијата на Република Македонија кои се прворангирани на ранг-листата за купување стан преку проектот „АРМ- мој вистински дом“, имаа можност дополнително да се запознаат со првата зграда и станбените единици. Тие денес го извлекоа и бројот на станот кој ќе имаат можност да го купат по најповолни услови.
Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, им честиташе на припадниците на Армијата и истакна дека камен-темелникот за првата зграда ќе биде ставен многу брзо, односно уште идната недела.
– Чест ми е што присуствувам на овој настан на кој ќе се доделат броевите за 32 стана од првата зграда од овој значаен проект. Досега за купување стан се пријавија над 250 лица, а веќе следната година ќе започне изградбата на сите преостанати станови, планирани со овој проект – истакна министерот Јолевски.
Условите за откуп на становите, посочи министерот, се многу поволни. Министерството за одбрана обезбедува земјиште, ја плаќа подготовката и изработката на проектот, ги плаќа комуналните такси, како и каматата кон банката која ќе обезбеди кредитирање, односно Шпаркасе банка. На барање на припадниците на АРМ, учеството е намалено на 20 отсто, а остатокот од цената на станот ќе се отплаќа на 240 еднакви рати, односно 20 години.
Идејата е, информираше министерот, да се изгради еден современ комплекс каде ќе има подземни паркинзи, современи станови, а ќе се внимава и на уредувањето на околината на овој комплекс за припадниците на Армијата на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.