Милитантите на Исламската држава продолжуваат да регрутираат мигранти што пристигнаа во земјите од Европската унија, а тоа се случува посебно сега, кога се радикализираа локалните муслимански заедници.
Нивната цел, пред сè, е Германија, а ова го потврди и првиот човек на германската разузнавачка служба за руската новинска агенција „Русија денес“.
– Безбедносната ситуација е многу сериозна – изјави шефот на Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, Ханс-Георг Масен. Неговата земја се наоѓа на врвот на листата на потенцијални мети, рамо до рамо со Велика Британија и веќе нападнатите Франција и Белгија.
Мети на нападите би можеле да бидат аеродромите, железничките станици и разни фестивали на отворено. Тој потврди дека има голем број на германски државјани кои се бореле на страната на Исламската држава во Сирија и Ирак – и сега дел од нив веќе се вратени и планираат напади во Германија.
Повеќе од 800 Германци отпатувале во Сирија
Светските медиуми пренесуваат дека над 800 Германци отпатувале во Сирија за да се борат на страната на Исламската држава, а само 150 од нив се вратиле во Германија минатата година. Покрај тоа, 1.100 млади муслимани им се придружиле на германските вахабисти и сите од нив претставуваат закана по безбедноста на германската држава.
Се наведува дека 29 поранешни војници на германската војска се бореле на страната на ИСИС, а 65 професионални војници моментално биле под истрага и биле следени од разузнавачките служби затоа што наводно имале симпатии кон ИСИС. Од 2007 година 22 војници на германската војска се декларирале како џихадисти. 17 од нив биле отпуштени, а останатите пет ја завршиле службата пред крајот на истрагата. Воената тајна служба забележала страшна бројка од 320 џихадисти во војската!
Се претпоставува дека во цела Германија има над 10 илјади вехабисти и таа бројка секојдневно расте. Иако опасноста од терористички напад е многу сериозна, во Германија досега се нема случено таков напад. Масен вели дека тоа се должи на доста добрата работа на германските тајни служби.
Регрутација на мигранти
Вехабистите спонзорирани од Саудиска Арабија во Германија интензивно регрутираат мигранти. Тие ја користат нивната отсеченост од германската заедница, а регрутирањата се вршат во џамиите.
– Забележавме 300 средби помеѓу исламистите и пристигнатите мигранти. Најмногу сме загрижени од регрутирањето на малолетници кои посебно се на мета на милитантите – вели тој.
Според Масен, Исламската држава моментално е вклучена во конфликтите во Сирија, Ирак и Либија, но има намера да допре многу подалеку од споменатите земји.
– Тие се активни во Синај, Чеченија, Нигерија, Јемен и Авганистан – вели германскиот безбедносен експерт и нагласува дека е време сите европски земји да се вклучат во борбата против ИСИС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.