Зоран Верушевски со вчерашната одлука на претседателот на државата Ѓорге Иванов успеа по втор пат да избегне одговорност пред законот. Со одлуката на Иванов се прекинува кривичниот прогон и против актуелниот претседател на СДСМ Зоран Заев за случаите „Пуч“ и „Поткуп“.
Покрај Заев и Верушевски, меѓу помилуваните се и останатите осомничени во „Пуч“ Ѓорѓи Лазаревски, Соња Верушевска, Бранко Палифров и Звонко Костовски, кој по вчерашната одлука на Иванов денеска е ослободен.
Костовски, кој призна дека незаконски следел комуникации и му ги предавал на Верушевски е амнестиран од издржување на затворска казна. Костовски беше осуден на три години затвор откако беше осомничен за шпионажа и неовластено прислушување и прифати судска спогодба.
До Основниот суд Скопје 1 – Скопје во текот на вчерашниот ден од Кабинетот на претседателот на Р. Македонија беше доставена одлука за помилување на осудено лице. Судија за извршување санкции веднаш ја достави одлуката на надлежно постапување на затворската институција за потполно ослободување од натамошно издржување на казна затвор на осудениот З.К., кој со предлог спогодба КОК ПП бр. 131/15 од 25 март 2015 година е осуден на единствена казна затвор во траење од 3 години за кривичните дела „Шпионажа“ од член 316 ст. 4 вв со член 24 од КЗ и „Неовластено прислушување“ од член 151 ст. 4 в.в. со ст. 1, а во врска со член 45 од КЗ, соопшти Основниот суд Скопје 1.
Одлуката за помилување важи и за сопругот на Радмила Шеќеринска, Божидар Јанковски, кој беше осомничен дека во периодот од 2009 до 2013 година самиот на себе си изнајмувал 4 станови сопственост на неговото семејство за суми кои се неколкупати повисоки од реалните на домашниот пазар на недвижности.
Со одлуката на Иванов, исто така, се прекинува кривичниот прогон и против поранешниот лидер на СДСМ и претседател на државата Бранко Црвенковски, чиј предмет „Надеж“ исто така беше преземен од Специјалното јавно обвинителство.
Меѓу помилуваните можат да се забележат и имињата на обвинителите од СЈО Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, но и името на лидерот на ДПА Мендух Тачи, членот на ДИК Бедредин Ибраими, како и името на Исмет Гури, член на општинска изборна комисија, еден од осомничените во случајот „Титаник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.