Тројцата пратеници во Европскиот парламент, Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан, кои посредуваа при постигнувањето на Договорот од Пржино на 15 јули минатата година во Република Македонија, ја изразија својата длабока загриженост за развојот на настаните во Скопје и ги повикаа сите главни политички партии во Македонија да работат заедно во интерес на граѓаните и да се вратат за своите обврски од пржинскиот договор кој според европратениците е „единствениот начин за надминување на кризата“.
МИА од Брисел известува за средба на тројката европратеници со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан во Европарламентот во Стразбур , посветена на последниот развој на настаните во македонската држава, по што излегоа со соопштение.
– Ние сме длабоко загрижени од последниот развој на настаните во Скопје и не можеме доволно да ја искажеме важноста дека главните политички партии треба да останат посветени на Договорот од Пржино. Договорот мора целосно да се почитува, вклучително и обврските поврзани со заштита и засилување на владеењето на правото во земјата и да се обезбеди дека ќе се одржат кредибилни предвремени парламентарни избори- се наведува во соопштението испратено од Вајгл, Ховит и Кукан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.