| четврток, 6 декември 2018 |

ИН МЕМОРИАМ: Замина големиот Томаж Пандур, едно од најзначајните режисерски имиња на денешницата

Со ненадејно заминување на големиот режисер Томаж Пандур, светскиот театар изгуби едно од најзначајните режисерски имиња на денешницата, човек со огромен креативен набој, потенцијал и енергија и режисер со кој актерите и соработниците уживаа во работата и новитетите во секој нов проект

Томаж Пандур (52 години, Марибор, Словенија), светски реноминираниот театарски режисер, почина денеска додека ја подготвуваше новата претстава „Крал Лир“ во Македонски народен театар – Скопје.

Пандур во средношколските денови ја формира својата театарска група „Тесписов воз – Нов словенечки театар“. Дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија, во Љубљана, Словенија. Во последните десетина години Пандур активно соработуваше со различни театари. По успешната кариера во Словеија и на некогашниот ју-театарски простор, се стекнува и со светско реноме работејќи на разни европски и светски сцени.

Пандур последниве години, со сестра си Ливија Пандур, најчесто престојуваа во Мадрид (Шпанија) каде го основаа „Пандур театар“. Овој театар мнгоу бргу се наметна со својата програма на европски и светски театар. Режира претстави меѓу кои се издвојуваат: „Крал Лир“ (Атина, 2015), „Фауст“ (Мадрид, 2014), „Медеја“ (Загреб, 2012), „Хамлет“ (Мадрид, 2009), „Калигула“ (Загреб, 2008), „Тесла Електрик“ (2006), „Божествена комедија: Пекол, Чистилиште, Рај“ (Хамбург, 2001/02), „Вавилон“ (Марибор, 1996), „Кармен“ (Марибор, 1993) и „Фауст“ (Љубљана, 1988).

Од 1988 година, добитник е на низа признанија и награди како „Златна маска“  МЕСС (1990), „Бојан Ступица“ за животно дело (1992) и „Изабела Католичка“, државно признание на кралството Шпанија (2011).

Со ненадејно заминување на големиот режисер Томаж Пандур, светскиот театар изгуби едно од најзначајните режисерски имиња на денешницата, човек со огромен креативен набој, потенцијал и енергија и режисер со кој актерите и соработниците уживаа во работата и новитетите во секој нов проект.

„Пробата започна во 10 часот, а веќе во 11.30 часот, срцето на Томаж Пандур престана да чука. Замина онака како што живееше, опкружен со своите актери, и најблиски соработници во Македонски народен театар. Бевме бескрајно срекни што неговата креативност ќе заблеска на сцената на Македонски народен театар, а таа среќа ја замени длабоката тага што остана недоискажан на неговата последна станица. Во релативно кусата творечка соработка со Македонскиот народен театар на актерите од предвидениот „Крал Лир“, Пандур им остави пример за чист пристап, истрајност и изразена виртуозност. Неговото ненадејно заминување  претставува прекин на очекуваната безвременска магија на Пандур, но и многу прашања за способностите и решенијата кои би ги остварил имајќи ги во предвид неговата комплексност, човечност  и аспирации.Македонски народен театар – Скопје сочуствува во големата загуба на семејството Пандур и сите почитувачи на неговата личност и дело“ велат на националниот театар на Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top