Фестивалот „Мајски оперски вечери“ ќе се отвори со премиера на руската опера „Евгениј Онегин“ од Петар Илич-Чајковски, која подолго време не била изведена на нашата оперска сцена. Солисти во „Евгениј Онегин“ ќе бидат украинската сопранистка Тамара Калинкина, хрватскиот тенор Доротој Домагиќ, Јоана Кадиска од Бугарија и нашиот млад баритон Иван Наумовски, пишува „Нова Македонија“.
– Авторскиот тим што ќе работи на новата продукција на операта е македонски – режијата е на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска, а кореографијата на Олга Панго. Поради очекуваниот интерес се предвидени две изведби во рамките на фестивалот – вели Сони Петровски, директор на операта.
Она по што се издвојуваат годинешните „Мајски оперски вечери“, како што велат од МОБ, е пред сѐ бројот на настаните.
– Зголемената продукција се должи на новата програмска политика на МОБ, за да се овозможи богата и разновидна програма за нашата ценета публика. Во изминатите месеци сведоци сме на една позитивна промена на расположението на јавноста за посетување на уметничката понуда на Македонската опера и балет. Во таа смисла, „Мајски оперски вечери“ оваа година ќе понудат широка палета настани со атрактивни оперски и балетски претстави, гала-концерт, детски претстави и концерти – најавува Петровски.
Освен атрактивна програма, најавено е учество на гости од Бугарија, Хрватска, Косово, Италија, Германија, Полска, Украина, Мексико, Словачка, Јапонија…
Новина во годинешната програма се „Мали мајски оперски вечери“, наменети за најмладата публика.
– Овие претстави се наменети за нашата најмлада публика, кон која имаме посебен интерес за образовање и забавување. Токму за нив во програмата на „Мајски оперски вечери“ е ставена премиерата на детската опера „Црвенкапа“ од Цезар Кјуи, која ќе биде адаптирана на македонски јазик. Претставите за деца ќе се изведуваат во пладневни термини и се наменети за публика од пет до петнаесет години.
Покрај „Црвенкапа“, во програмата се и актуелните балетски претстави „Доктор Офболи“ и „Петар Пан“, како и првото јавно претставување на детскиот хор „Фалсето“, кој неодамна го формиравме во рамките на нашата институција – вели директорот на операта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.