| четврток, 6 декември 2018 |

Спектакуларна оперска премиера на „Евгениј Онегин“ во режија на Дејан Пројковски

IMG_2845
Во својот веќе препознатлив манир на создавање масовни претстави (еднакво масовни и во габаритот и во значењето кое го носат и еманираат), Пројковски ја поставува операта „Евгениј Онегин“ во романтичарски манир и го крши тој образ со постмодернистички постапки во деконструкцијата на наративната линија и по однос на фабулата и по однос на начинот на кој ги води актерите до посакуваната цел.

Светот на симболите на Пројковски во „Евгениј Онегин“ ја акцентира, преку автентични сценски решенија, кризата на поединецот заради неговата отстапка од колективот, заради неможноста од припаѓање во светот сега и овде, во секое време и во секој простор. Сценските метафори или подобро – атопичните места во претставата (места со згуснато значење кои имаат потреба од толкувачка практика) се многубројни и асоцијативно комуницираат со гледачот – почнувајќи од чистењето на столбовите на црквата во која се отвора претставата, преку метафората на гудалото како реквизит кој ја следи дијахронијата на животот на Евгениј Онегин, преку метафорите на мразот, водата и оганот како состојби на битието, па сѐ до финалето во кое на еден крајно интимен, речиси религиозен начин, Пројковски создава паралела на значењата меѓу два контрапункти: Пушкин како цивилизациска вредност и Петре М. Андреевски како национален топоним.

IMG_2622

Кореографијата на Олга Панго ја нагласува потребата од дијахрониско поимање на претставата, создавајќи комуникација на световите и на времето и поаѓа од класично поставување на движењата кои како и режисерската постапка се кршат со современ говор на телото кое е во криза: со нагласен синхрон во актерската игра и силни солистички партитури кои ги нагласуваат карактерните одлики на ликовите, особено потенцирано во аријата на Татјана Ларина.
Во доследноста на реконструкцијата на времето во кое автентично се случува фабуларниот тек на претставата, Папучевска создава токму таква костимографија: прецизно инлустративна со нагласен детализам во изборот на форми, материјали и структури кои ја обликуваат костимографијата, што во постапката соодветстува со сценографските решенија на Валентин Светозарев – во симболиката на внатрешниот и надворешниот свет на главните ликови – од веризмот на опркужувањето, па сѐ до аскетизмот како состојба на душата.

IMG_2014 (1)
Конечно, актерската подела на претставата го користи потенцијалот и капацитетот на младата генерација вокалисти кои се на ниво на доверените улоги. Гостинката од Украина, Тамара Калинкина, во улогата на Татјана Ларина, на сцената отвара луциден внатрешен свет и ги води амплитудите на ликот со мајсторска прецизност во актерската игра и со доминантни вокализи во интерпретацијата.

IMG_1782
Под палката на маестро Саша Николовски-Ѓумар, свеченото отворање на „Мајски оперски вечери“ го потврди реномето на оваа манифестација и нејзиното значење и надвор од границите на културолошкото битисување и продукцијата на сцеснските уметности, а Македонската Опера и Балет ја продолжи нагорната линија на продукција во најновата историја на куќата.

Сашо Димоски – драматург

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top