| четврток, 6 декември 2018 |

Апел на Монасите на МПЦ: Безобѕирната борба за власт и нејзината злоупотреба е грев врз Македонија

Монашкиот ред на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија бара од  сите активни чинители, претенденти и носители на одговорни функции во политичкиот и општествен живот во Македонија одговорно и државничко однесување, кое треба да биде во интерес на државата и граѓаните, објави порталот „Религија.мк“.

Монасите на МПЦ испратија отворен апел и до власта, но и до опозицијата, потсетувајќи ги политичарите и останатите активни политички чинители дека на Македонија и е потребна одговрна политика која е во насока на националните интереси.

-Ние, припадниците на монаштвото од Македонската православна црква – Охридската архиепископија, кои, согласно нашето молитвено правило, секојдневно во своите молитви кон Бога ги спомнуваме оние што се на власт, упатуваме апел до сите активни чинители, претенденти и носители на одговорни функции во политичкиот и општествен живот во Р. Македонија, совесно и праведно да раководат со поверените им од Бога моќ и овластувања за напредок и благоуспевање на целото македонско општество, како и за доброто на сите граѓани на Р. Македонија, без разлика на нивната верска, национална и политичка припадност, стои во апелот на монасите на МПЦ, потенцирајќи дека „имајќи таква слобода да владеат и да донесуваат одлуки во името на целата општествена заедница, тие не треба да заборават дека имаат преголема одговорност пред Бога Семоќниот, Кој е извор на секоја власт, „Седржителот, Кој сè надгледува, Промислителот, Кој сè промислува, и Судијата, Кој над сите власт поседува, Чија Промисла со сè што постои целесообразно управува“.

-Целта на државната власт е со сите свои сили да настојува и да работи на општонародното единство, на зачувување на нашите вековни морални вредности, на исполнување на заветот на нашите предци, кои самопожртвувано се бореле за слободата на Татковината, не штедејќи ги ни своите животи. Затоа, Татковината наша е една огромна светиња, која со многу херојски подвизи и крв е спечалена; таа не е просто едно парче земја, ограничено во просторот, туку е свештен залог кој повикува од вековите и навлегува во иднината; државата наша не е само некаква општествена политичка организација, или формација за владеење над народот, туку таа е едно големо семејство, една заедница на слободни личности, „сојуз на слободни морални битија кои се здружиле меѓусебно, жртвувајќи дел од својата слобода за со заеднички напори да го зачуваат и зајакнат моралниот закон, којшто е неопходен за нивно постоење“. Сите оние кои на секаков начин се борат да дојдат на власт, како и оние што ја злоупотребуваат дадената им позиција на моќ, задоволувајќи ги безобѕирно своите лични интереси на сметка на другите, ја повредуваат таа заедница, го повредуваат своето семејство. Таквите нека знаат дека прават голем грев против Бога и ближните и, бездруго, за таквото дело ќе треба да дадат одговор на Страшниот Христов суд, стои во апелот на македонските монаси до политичарите во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top