Може ли нешто во земјава да помине без трилер-завршок во режија на раководството на СДСМ? Како и што се претпоставуваше, македонската опозиција направи сѐ за да не се распушти овој собраниски состав, за да купи време и да го одолжи процесот наречен избори.
СДСМ и Зоран Заев, поддржани од раководството, соочени со рејтинзите и предвидениот изборен исход, заиграа на неучество во изборите, а во игра ги вложија и министрите – тие што требаше да гарантираат фер избори; и претставниците во Државната изборна комисија – воедно и нејзиниот претседател; го вложи и избирачкиот список – за што најдобро зборува реченицата на еден од членовите на комисијата дека ДИК е орган за спроведување на изборите, а не пописна комисија.
Трилерот во македонската политика не е непознат – та и не би била политика без вакви моменти, но ни во услови на истанчени нерви, опозицијата не покажа политички образ. Ако веќе сите укажувања посочуваа на тоа дека ќе има избори, многу подостоинствено ќе беше сите заедно да соопштеа дека ќе учествуваат на изборите предизвикани од нивниот „ангажман“, по политичкиот договор зад кој стои и потписот на Заев. И токму тој, Заев, да побара поддршка од граѓаните. Па што биде нека биде.
Никој засега не може со сигурност да каже што сѐ било споменувано во разговорите за убедување што се воделе на вжештената линија меѓу СДСМ и амбасадорите, кои досега му го чуваа стравот токму од ова што се случува. Поразот за Заев носи многу ризици. Поразот на овие избори му носи и губење на местото во партијата, веројатно губење на позицијата во општината каде што тој сѐ уште фигурира како градоначалник, но и заштита во неколку процеси во околностите што ги создаде. Но, со кој адут Заев застанал пред амбасадорите, кои, веројатно, му укажувале на логиката дека со секое одложување на изборите агонијата на тонењето на СДСМ на анкетите е поголема? Барал ли Заев имунитет дека би останал недопирлив за барање поткуп, на пример; или, пак, дека ќе добие заштита од тие што се жртви на пуштањето приватни разговори, кои немаат врска со политиката; или, можеби, од тие што веќе платиле поткуп на други што собирале арач во име на Заев и на партијата?
„Аргументите“ веројатно ќе излезат на виделина побрзо отколку што посакува Заев или уште повеќе го предвидува амбасадорскиот тим. Исто како што со брзина на светлината се раширија резултатите од анкетата на Меѓународниот републикански институт, кои се обидоа да бидат сокриени од јавноста барем во некое рационално време.
Тргувањето на Заев
Поднесувањето на оставките од Спасовски, Ременски и од другите функционери на денот на распуштање на парламентот беше тажен потег за една политичка партија, која успеа досега да наметне сѐ што побара во оваа долгорочна криза. Ваквиот потег имаше за цел да му обезбеди на Заев купување време за нов „пазар“ што би го спасил по изборниот пораз. Но, мизерноста на моментот уште повеќе падна в очи бидејќи токму тој адут Заев го искористи при првото одложување на изборите.
Јасно беше дека доколку Собранието се растури, целиот товар за успешни избори, а со тоа и ново „успешно менаџирање и помош“ од ЕУ и од САД, ќе падне на СДСМ. Имено, никому не му одговара подолг период на агонија од тој што е предвиден на земја во тешка криза, по европски договор, чиишто рамки се веќе еднаш нарушени, со јасни предизборни резултати, со нефункционална влада со мандат за спроведување избори. За повторно собирање на пратениците, би требало претседателот на државата да прогласи вонредна состојба, но и тогаш, пратениците нема да можат да донесуваат закони, туку само одлуки. Тоа никому не му одговара, единствено, можеби, на раководството на СДСМ.
Токму затоа во игра беше и оставка на претседателот на ДИК, кој веќе на денот на распуштање на Собранието посочи дека „не би потпишал избирачки список“, на кој би имало евентуално спорен гласач. И токму затоа Заев не ги повлече веднаш своите членови од ДИК. Остави простор за „дејствување и трговија“, макар и до денот на распишувањето на изборите.
Тргувањето на Заев со одлуката оди- не оди на избори, веројатно, многумина потсетува на не толку далечни локални избори, кога токму тој „се осмели“ да не ја почитува одлуката на тогашниот шеф Бранко Црвенковски и да предизвика партијата да го повлече бојкотот. Па ако и целиот период на опозициско дејствување на Заев по изборниот пораз во 2014 година потсетува на тој период, со протести, митинзи, насилство и повикување народ на улица, можно ли е сега, со оглед на неуспешните обиди да допре до граѓаните со празните флоскули што СДСМ ги нарекува програма, Заев да се обиде до последен момент да продолжи со веќе познатото сценарио на насилство? Односно, место кампања, да продолжи со повторни повици за протести и за блокирање улици, при што во преден план би се користела оцрнување, па и нова игра со монтирани прислушувани материјали, против политичките противници, пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но и сите тие што ќе најават учество на изборите? Како поинаку да се разбере истакнувањето „сите дозволени средства“ што ги посочи на прес-конференцијата?
Прочистувањето во СДСМ
Сѐ на сѐ, трговијата на Заев, веројатно, ќе трае до моментот што претседателот на Собранието Трајко Вељаноски посочи дека ќе му го остави на ДИК да ја заврши својата работа, за да може да се распишат избори со прочистен избирачки список зад кој ќе стојат политичките претставници во овој нов, видоизменет состав на Комисијата, но и стручњаците, меѓународната заедница и сите тие што Заев ги вмеша во списокот. Во отворениот дел на седницата на ДИК беше усвоен извештајот и иако постоеше обид да се негира успехот на прочистувањето, или дали МВР и институциите би успеале да ја завршат својата работа, тоа што е јасно е дека не е пронајдено ниедно лице што е запишано на две избирачки места или лица без идентитет. Односно – како што милуваа да опишат од СДСМ – нема ниеден фантом.
Оттука, Заев ќе ја чека и одлуката на меѓународните институции, секако преку амбасадорите што и досега ги пренесуваа ставот и гледиштата „од надвор“, за да знае како ќе одигра во последен момент. Доколку тие застанат зад избирачкиот список, со што се отвора патот ВМРО-ДПМНЕ да обезбеди меѓународен легитимитет со изборните резултати, СДСМ ќе остане уште четири години во опозиција и тоа вонпарламентарна, а Заев наскоро од сопартијците би бил прогласен за „убиец на СДСМ“.
Сите што се занимаваат со политика знаат дека избори, сепак, се можни и без СДСМ, бидејќи учеството во избори е право, а не обврска, а, секако, политичката мапа во Македонија не се сведува само на четирите политички партии што се потписнички на Договорот од Пржино.
Поверојатно сценарио е дека доколку Заев се обиде да биде „цврст“, во СДСМ би се појавил(е) некој(и) што ќе направат притисок, исто така како што тој го притискаше Црвенковски, и партијата би се појавила на избори. Ако се земе предвид дека крутите тактики на исклучувањето на непослушните пратенички од, сега веќе, минатиот парламентарен состав, многу ги чинеше амбасадорите при методите за пребројување на гласови во парламентот за формирање ново мнозинство, сега Заев би се ставил во ситуација на голем притисок доколку му „се одметнат“ поголем број членови што би учествувале на избори како независни или како група. И повторно, Заев ќе биде посочен како виновник за расцепување на ткивото.
Последна од варијантите што остануваат е дека сите „сложно“ нема да одат на избори, за целиот „циркус“ да може да се повтори и да се бараат нови предвремени избори истовремено со локалните. Но тоа би биле веќе втори избори за неполна година, односно само допирање на дното на политичка незрелост.
Токму затоа, најверојатно е дека СДСМ при истекот на рокот ќе поднесат листи за учество на избори. Со Заев и раководството или без нив.
Изборите на 5 јуни нема да стават крај на процесот што доведе до кризата, нема да дадат одговор кој го следел целиот политичко- општествен врв, нема да расчистат со тоа кои биле „пријателите од надвор“ каде што Заев го праќаше Зоран Верушевски, што беше крајната цел на целиот шпионски зафат. Тие одговори допрва ќе се откриваат, а заздравувањето на општеството, сепак, ќе трае подолго. Но, изборите ќе испратат јасна порака дека политичката криза е зад нас, дека државата го преживеала најголемиот општествен потрес од нејзиното осамостојување, но и ќе бидат доказ дека народот во Македонија има истанчен вкус за политика и чувство за државност, кои никој во иднина не треба да ги потценува.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 188. број на неделникот „Република“, 08.04.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.