На „Павел Шатев“ ништо ново. Дежа ви. Длабоко зајдени и задоени во и со безидејноста која стана неизоставен дел од партискиот код , СДСМ „смисли“ нова реприза. Уште една епизода изживеани дворски игри и партиски егзорцизам. Како навика, повторно пред избори, и сега расчистуваат со минатото. Демек. И овојпат, вреќа за удирање и имагинарно прочистување на партијата, повторно е екс лидерот и „ѓаволот“ Бранко Црвенковски. Безгрешните чеда на спасителот од Муртино и овојпат со сите сили пожртвувано и предизборно се оградуваат од гревовите на претходниот неприкосновен лидер, кому Заев му го должи и лидерството и слободата. Секако, и од неговите недела. Иако, тешко дека неговите новокомпонирани поданици меѓу грешките од минатото ја сметаат и аболицијата со која нивниот идол ја доби слободата. Истите оние парадоксални јуришници кои сега скокаа како недоветни против враќањето на претседателските ингеренции за помилување. Кој знае дали би се согласиле одземањето на овие можности да важи ретроактивно. Тешко… Тогаш лидерот им, најверојатно, би бил во затвор. А тие, пак, би морале да живејат само од „мизерната“ професорска плата, осиромашени за солениот хонорар на СЈО или од уште помизерниот Соросов „опозициски додаток.“ А во паркинзите на Центар не ги збира сите. Нема толку слободни места за „паркирање“ во општината. И МВР е претесно. Башка ќе трае само до избори. Греота…
ЗАЕВ: СЕ ОТКАЖУВАМ ОД САТАНАТА…
Налик на крштевка, кога кумот ја презема улогата на новороденчето кое само не може да ги каже потребните зборови, и овојпат СДСМ ќе мора да се „откаже“ од шејтанот преку својот бестрашен лидер. Но за разлика од порано, кога Заев сам „божемски“ се откажуваше од ѓаволот, сега првото од трите негирања на социјалдемократската врска со него го почна лојалниот „Фокус.“ Два месеци пред закажаните избори, професионалците ја започнаа битката на лидерот, филм кој преминува во опозициска класика: „Како ученикот го победи учителот“ или варијантата „Како аболицираниот го победи аболицирачот.“ И овојпат, како и секогаш досега, улогата на урбаната сказна е создавање привид за нова, фингирана предизборна прикаска која треба да наваса толку потребен, каков и да е ветер во едрата на актуелниот лидер. Оти поинаку, бродот стои в место и нема абер да се помрдне од мртвилото во кое е западната партијата. Нејсе што и компасот одамна не им работи. Имагинарната сказна, пак, треба да му даде нов елан и да го надува ликот и делото на човекот кој, верувале или не, му се спротистави на создателот?! Башка што со тоа партијата се амнестира и од сите грешки во минатото – габаритниот товар како транзицијата, отказите, децении тешки и макотрпни години за стотици илјади семејства, фабрики за бадијала, монополи, ТАТ-ови, телекоми, имиња, знамиња, територијални поделби и дузина други катастрофални грешки на социјадемокрастките дилетанти и политички аматери кои се претставуваа како државници. Вака, Заев, дали преку своите гласила или и самиот во интервју (каде и да е), три пати ќе се откаже од сатаната и децениите владеење на неговата партија, вршејќи детосикација и егзорцизам од „лошото“ ткиво и минатото. Небаре, тие се нови и невини, нејсе што користеа прислушувани разговори од екс лидеровиот миленик и ја вратија државата деценија наназад. И овојпат, со лажниот партиски егзорцизам ќе раководат Соросовите експерти за истерување на ѓаволот. Што преку совети, што преку своите медиуми. Иако, реално, сите се свесни дека најдоброто прочистување и проветрување, партијата би го доживејала на избори. Маката ќе ве натера на се, па ова е време кога и атеистите од филијалата на унгарско-американскиот лажен филантроп станаа верници, придружени безусловно од безбожната врхушка на македонската партија-наследник на комунистичката идеологија и имот. И едните и другите, сега лажат дека се поготвени за избори, се потресуваат длабоко од помислата на она што го зборуваат и излегува од нивните усни, сонуваат кошмари и постојано се крстат во ДИК и желбата за исказ дека нема услови за избори. Зборови кои доаѓаат како дијазепам за напатената социјалдемокрастка душа. Потребата од спас, пак, наметна создавање нова вера: диковци. Основата на диковската догма е во зборовите: Ние сме подготвени за избори, ама како ќе каже ДИК, така ќе биде.Класично богохулење од типот: ние сме тука, ама како ќе каже Господ, така ќе биде. Недостасува уште реченицата: еден е ДИК. Да, по непишаното правило – во најкритичните моменти во животот, на сите верници им текнува на Бога, па ја бараат неговата помош за спас. На СДСМ и Заев, пак, им текна на ДИК. Башка, тука е и англиската интерпретација и преводот на зборот диковци, кој едноставно, толку добро им прилега…
ПРЕДУПРЕДУВАЧКО „НО ПАСАРАН“ ЗА БРАНКОВИСТИТЕ
Во случај, иако не дај Боже за нив, избори сепак да има, откажувањето од Бранко Црвенковски има и друга намена. Лажното прочистување на партијата е иреален момент кој треба да биде за надворешна употреба, чин кој пред неопределените ќе ја покаже моралната и духовна чистота на момчето црпнато од муртинските ниви. Вториот момент има повеќе практична природа. Овој аспект е со внатрешно употребна цел и треба на фракцијата на бранковистите во СДСМ да им покаже дека за нив, повторно, нема место во партијата. Замотано, но очигледно, Заево „но пасаран“ за бранковистите на следните избори, особено за посакуваните, не дај Боже, добитни позиции за пратеници на избирачките листи. Влада, и онака не планираат да формираат.
Веројатно, и кога не би било ова јуначење на Заев и Шеќеринска, старите социјалдеморати не би имале некакви посериозни изгледи за победа во битката со заевистите и се посилната соросова болумента во партијата. Две контра групи, кои последните години ја презедоа СДСМ и наметнаа сосема поинаков, груб стил на игра. Неконвенционалните и насилни методи на новокомпонираните партиски групации оставаат малку простор за социјалдемократите од стар ков. Првите се се’ она на што вторите се противеа – популисти, демагози, макијавелисти и лажговци. Најдобра споредба, можеби, би била дека старите социјалдемократи се Доријан Греј во живо, а новите изгледаат како неговата слика. А во основа, се работи за еден ист човек. И партија. Само кај едните лузните се познаваат…
ПЕТРОВСКИ: ВО СДСМ ИМА ДВЕ ЛИНИИ НА СУДИР
Внатре во СДСМ има две линии на судир – едната е меѓу Заевистите и Бранковистите, а втората е меѓу Заевистите и кадарот на Сорос, вели за „Република“ Филип Петровски. Човекот кој мина долги години во политиката под вторите подразбира ликови од типот на Фрчковски, Дерала и Исмаил, кои се надеваат дека она што е инвестирано од Сорос во партијата – тие имаат право да го реализираат.
ПЕТРОВСКИ: Тие три структури имаат сериозен судир, кој ќе го кријат и натаму од јавноста, но кој е видлив за познавачите. Ако погледнеме ан присуството на нивните средби со народот во сите градови, повеќе од видливо е скромното присуство на граѓаните, што само по себе ја покажува силната поделба и дека само едната структура, т.е. заевистите, се обидуваат да контактираат со нивното членство, а сите останати се фокусирани на внатре партиската пресметка.
Највидлив за голо око е судирот во мај минатата година при обидот за државен удар кој Заевистите го планираа за 17.мај, а агресивната Соросова структура го доведе до експлозија на 6.мај кога пред владата беше нападната полицијата. Со тоа, практично, им ја минираа целата концепција и го упропастија она што беше планирано повеќе од 9 месеци.
Така што, тие судири постојат и ќе постојат и сега очекувам да кулминираат со силни расправии за пратенички места за кои исто право ќе полагаат и Заевистите и првенците на Сорос.
Со последните потези, пак, им се праќа порака на Бранковистите дека не се смета на нив и дека нивното учество ќе биде маргинализирано, што самото по себе претставува голем раздор во партијата. Не очекувам дека во скоро време СДСМ можат да го надминат овој раздор, затоа што станува збор за структури и кадри кои немаат никаква професионална етикета и квалитет, и можат само овој начин да дојдат до посакуваните позиции.
ОТВОРАЊЕ И ДЕМИСТИФИКАЦИЈА НА ВРХУШКАТА
Во моментов, во СДСМ се водат и други две битки. Првата е интелектуалната битка за демистификација на квазислободарските ликови од врхушката и приземјување на нивните материјалистички и со власт мотивирани потези за доаѓање на власт. Втората битка, пак, ја водат старите кадри, т.н. бранковисти кои сакаат да ја разоткријат безидејноста на лидерот и неговите слуги и извршители, добро познати на некогашната елита на СДСМ. Проблемот е што тогаш, тие биле само минорни ликови и маргиналци, исто како и поголемиот дел од денешните првенци на партијата.
Можеби најотворен беше Љупчо Палевски, поранешен прв човек на СДСМ – Центар, кој на Фејсбук, провоциран од дворските игри и нападите врз Црвенковски, буквално, „распали“ по лидерот и извршителите:
„Епа до ку*ца полицајчиња и некреативни кретенчиња. Еви ви го на Јадранке мори тастерке на Добри бог душа да му прости. Ако Заев не знае како се чисти СДСМ, зарем ти со твојот гола вода ФОКУС ќе го чистиш СДСМ. Алооооо ЗАЕВ, пред една година УСА бараше А1 да биде објавена и да биде делот од вистината за Македонија. Ова сега е педерски и злобно, смешно е јас Бранко да го бранам, ама глупчо дополнителна збунка правиш во членството што нарачки овакви правиш од Јадранка тастерката. Пак се криеш и сплетки правиш, ЕВЕ БЕ ЗАЕВ ЈАС САКАМ СО ТЕБЕ ТВ ДУЕЛ ЗА ДА СЕ ПОДГОТВИ СДСМ ЗА ИЗБОРИ И ОВААА ДРКАНИЦА ОД ПРЖИНО ДА ЗАВРШИ. Доста веќе сплетки правиш и ти си кумувал на разноразни работи. Среди го СДСМ, доста беше лигавење“ – напиша Палевски на ФБ.
Демистификацијата на врхушката веќе подолго време ја „тера“ опозицискиот колумнист, Ивор Мицковски, кој во време кога сите во СДСМ ликуваа и желно очекуваа нова доза „бомби“ од палетата на рекетарот Божиновски, истапи со јавна осуда на аморалноста на уживателите:
„Вие што си дозволувате да слушате и преслушувате приватни разговори, да одобрите некои партиски квази новинари да ги дистрибуираат, да рекетираат, да профитираат од селективно објавени материјали, вие што потоа си земате за право да судите за моралот на лицата чии приватни разговори ги слушате, вие ли сте моралните вертикали на ова општество?! Медиумскиот притисок е огромен кон секоја личност која макар 5 минути се појавила во јавноста. Но, на веќе ужасната политичка и медиумска дисторзија која се врши врз секоја јавна личност, да мислиш дека слушањето приватни разговори е некакво прочистување, треба да си поприлично ограничен. И тоа е најголемата измама, дека тие лица, тие личности, кои медиумите и политиката ги издеформирале, ги умножиле без мерка, тие политички искреирани лица, му припаѓаат на полисот, кој наводно е чист, морален, има право да суди, може да се чувствува како подобар. Тоа е лажгата, дека за некој тука воопшто може да се каже дека е подобар од другите или дека има повеќе право над нешто од другите,“ напиша Мицковски на Фејсбук.
Иако, барем навидум, челниците на СДСМ глумат дека ги игнорираат и оти ваквите пораки на поранешните великодостојници не ги тангираат, реално, најмногу боли кога осудата доаѓа од твоите. Особено, кога во неа има многу, многу вистина…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 188. број на неделникот „Република“, 08.04.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.