| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Животот е прекрасен“ во МНТ

Режисерот Морфов „Животот е прекрасен“ ја подготвувал три месеци. Иако беше најавено дека тој со ансамблот на МНТ ќе ја работи „Дон Кихот“, сепак, откако го изгледал целиот репертоар, се решил да го работи овој текст на Николај Ердман. Смета дека „Животот е прекрасен“ одговара на сензибилитетот на актерите на МНТ, кои играат во претставата

На големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва на 10, април, премиерно ќе биде одиграна претставата „Животот е прекрасен“ од авторот Николај Ердман, а во адаптација и режија на светски познатиот Александар Морфов од Бугарија.

Улогите во претставата ги толкуваат: Никола Ристановски, Николина Кујача, Ѕвезда Ангеловска, Сашко Коцев, Тања Кочовска- Павловска, која гостува од Театарот за деца и младинци, Емил Рубен, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Александар Ѓорѓиоски, Арна Шијак, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Стефанов, Кире Ѓоревски, Александар Михајловски, Марија Новак, Драгана Левенска, Никола Кимовски, Марија Минитрова, Анастазија Христовска, Соња Крстевска. Сценограф е Никола Тороманов, костимограф е Марија Папучевска, а кореограф е Инга Красовска.

– „Животот е прекрасен“ е претстава која ќе ве растажи и насмее до солзи. Оваа претстава е остваруање на еден голем сон на МНТ. Кога ја гледав, буквално, ме остави без здив – изјави Дејан Пројковски, директорот на националниот театар.

Животот е прекрасен1

Режисерот Морфов „Животот е прекрасен“ ја подготвувал три месеци. Иако беше најавено дека тој со ансамблот на МНТ ќе ја работи „Дон Кихот“, сепак, откако го изгледал целиот репертоар, се решил да го работи овој текст на Николај Ердман. Смета дека „Животот е прекрасен“ одговара на сензибилитетот на актерите на МНТ, кои играат во претставата.

– Работев со моите омилени актери, Никола Ристановски, Николина Кујача и Ѕвезда Ангеловска, но сега открив и запознав нови прекрасни актери како Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Тања Кочовска и други – рече Морфов.

Тој објасни зошто го одбрал овој текст.

– Ме допира она што се случува во Македонија, но и во Бугарија. Не се многу различни ситуациите. Заедничко е што почнавме да ја губиме смислата за живот. Политиката го вади најлошото, најужасното од човекот. Така се допира дното и тогаш кога ќе се допре, ќе се разбере дека нема ништо повозвишено од тоа да имаш некој да сакаш и некој да те сака. Во таа смисла, животот е прекрасен – вели мајсторот на режијата Морфов.

Неговиот колега и домаќин Пројковски потенцира дека ова е претстава која публиката ќе ја расплаче и ќе ја насмеее до солзи.

– Од минута во минута претставата ве прави и среќни и тажни, како што е впрочем и животот – вели Пројковски.

Актерите имаа само пофални зборови за работата со Морфов.

– Чувстувам возбуда, страв и искрена радост во исто време. Кога на сцена се играат најтажните работи се играат со многу радост. Процесот на работа со Морфов беше исклучително близок. Јас не сакам да говорам за нешто што уште немало премиера, бидејќи тоа е како да говорите за дете кое треба да се роди – изјави Ристановски, кој ја толкува улогата на Семјон Семјонович Подсекаљников.

Сашко Коцев, кој ја толкува улогата на Александар Петрович Калабушкин за Морфов изјави дека тоа е режисер што ги сака актерите.

– Посебна е привилегијата да се работи со Морфов, па макар и на две секунди. Тоа е режисер со кого првпат се среќавате на студии и си велите: Ќе работам ли јас некогаш со ваков режисер. Би сакал во брзо време повторно да соработуваме – рече Коцев.

Улогата на Виктор Абрамович ја толкува Гораст Цветковски.

– Ова е прва претстава за која во ниту еден момент не се сомневав во себе дали сум направил добар лик. Претставата не е добра, претставата е одлична – рече Цветковски.

Главниот женски лик во „Животот е прекрасен“ и е доверен на Николина Кујача, која ја толкува улогата на Марија Лукјанова.

Животот е прекрасен2

– Морфов носи сопствена естетика. Тој успеа да не натера нас актерите, да имаме концентрација повеќе од три часа, а тоа, верувајте, воопшто не е лесно. Тоа е ужасен тест за сите актери – вели Кујача.

Ангеловска, која го толкува ликот на Серафима Илинична првата претстава на Морфов ја гледала пред 10-12 години.

– Тој има автентична смисла за хумор. Многу прецизно ги изработува масовните сцени и ништо не препушта на случајност. Големо е искуството да се работи со него, бидејќи тој работи со душата на актерот – изјави Ангеловска.

По „Чикаго“ Кочовска-Павловска повторно гостува во МНТ и тоа во „Животот е прекрасен“.

– Кога ми се јави Морфов, телефонот ми падна од раце. Мислам дека не ги изневерив неговите очекувања – рече Кочовска-Паловска.

На на 15 и 16 април од МНТ повторно најавуваат премири на „Животот е прекрасен“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top