Драган Спасов – Дац, еден од најнаградуваните актери, веќе не е член на ансамблот на Драмски театар. Неговата нова матична куќа е Македонскиот народен театар (МНТ). Информацијата Спасов ја објави на социјалните мрежи.
Спасов од 1991 година беше член на Драмски театар каде што се вработи од 1991 година, по дипломирањето во класата на професорот Слободан Унковски.
Спасов – Дац е еден од најнаградуваните актери во Драмскиот театар. По наградата за ликот на Ѓорѓе Пиже во претставата „Не сега драга, најдобро е утре“ за најдобар млад актер во 1991 година ги доби наградите за најдобро театарско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ за Џанго во „Грев или шприцер” (1993), за Розенкранц во „Розенкранц и Гилдерстерн се мртви“ (1995) и за Симон во „Диво месо“ (2001), наградата за епизодна улога „Димче Трајковски“ за Тимчо во „Ни ќар ни зијан“, за улогата на Амадеус во „Амадеус“ ја доби „Златната маска“ на „Вечер“ за најдобро актерстко остварување на „Охридското лето“ (1996), за Розенкранц и Амадеус (истата 1996) наградата „13 Ноември“…
Во 1994 и во 1995 беше прогласен за најдобар актер во својот Драмски театар. Во 2013 година ја доби наградата „Петре Прличко“.
Во својата кариера гостувал на повеќе театарски сцени и тоа во Битола, Куманово, на сцената на Театарот за деца и младинци, а неговиот богат творечки опус опфаќа и учество во ТВ-серии, ТВ-драми, радиоемисии, улоги на филм…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.