Флора Елези е модна дизајнерка што имаше ревија на Модниот викенд во Скопје, кој почна на први април и траеше до четврти април. Таа е Албанка со македонско потекло, која живее во Париз и неодамна дипломираше на престижниот универзитет „Сорбона“. Мотото на пролетното издание на Модниот викенд во Скопје е „Да живеат осумдесеттите!“. Елези имаше ревија на вториот ден од Модниот викенд, каде што ќе го претстави името „Елези Париз“. Ова е прва ревија на Елези на Модниот викенд во Скопје.
Првпат учествувате на Модната недела во Скопје. Со каква колекција ќе се претставите?
ЕЛЕЗИ: Јас сум млада дизајнерка и се обидувам преку мојата уметност да испратам своја порака. Но, секако, ги земам предвид трендовите за оваа година и нивното влијание. Ревијата ќе биде заокружена со перформанс, кој ќе има и порака за сите што ќе ја следат. Пред вас ќе има различни креации, но сите ќе носат иста, заедничка порака.
Мотото на ова издание на Модната недела во Скопје е „Да живеат осумдесеттите“! Ви се допаѓа ли таа мода?
ЕЛЕЗИ: Секоја нова колекција во себе има влијание од претходните години или, пак, децении наназад. Многу дизајнери често се навраќаат на модата од минатото, користат делови што биле атрактивни во некое друго време, а сега само ги надополнуваат и надградуваат, им даваат свој печат. Денес модата е место за рециклирање на трендовите каде што секој остава свој печат, нешто свое лично што го одделува од другите.
Вие сте Албанка со македонско потекло, која живее во Париз и штотуку дипломираше на престижниот и реномиран универзитет „Сорбона“. Каков Ви беше патот до „Сорбона“?
ЕЛЕЗИ: Мора да го нагласам фактот дека сум бескрајно благодарна што ја имав таа можност да студирам и да дипломирам уметност на „Сорбона“. Токму овој универзитет ме натера секогаш да давам максимум од себе. Најважно е што можам да комбинирам уметност со ангажирана уметност, преку тоа што го работам да испраќам порака до јавноста.
Останувате да живеете во Париз или имате други планови за иднината?
ЕЛЕЗИ: Париз е дел од мојот секојдневен живот, но јас не ги заборавам своите балкански корени. Откако сфатив дека мојата работа има значење и сила да промени нешто, си ветив дека тука ќе го донесам најдоброто од Париз.
Како е возможно млад и перспективен дизајнер да успее во Париз?
ЕЛЕЗИ: Сѐ е прашање на квалитет, без разлика на работата и на професијата што ја работите. Лично, јас ова не го работам затоа што така треба, туку затоа што, навистина, тоа го сакам и уживам во тоа. Нема врска дали работите во Париз или на некое друго место во светот. Правилата постојат за да бидат прекршени. Посебно ако сте жена и ако треба да успеете, треба да ги тргнете настрана сите комплекси и само да продолжите понатаму.
Дали сте запознаени со работата на македонските дизајнери? Би одвоиле ли некого посебно?
ЕЛЕЗИ: Запознаена сум со колекциите на Мила Кадриу, Елена Лука, Дијана Ќерими, Зијане Бакиу и Завала Мохамад. Со Мохамед сме, навистина, блиски и имам голема поддршка.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дими и Ани
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.