Пари Сен Жермен вечерва на „Паркот на принцовите“ го пречека Манчестер Сити во рамките од четвртфиналето од Лигата на шампионите. Двата тима одиграа одличен меч на кој можеше да се видат четири гола, по два во мрежите на двата тима.
Ова е одлична увертира пред реваншот на „Етихад“ во Манчестер во кој и ПСЖ и Сити ќе влезат со свои калкулации.
ПСЖ беше тимот што покажа многу повеќе на овој натпревар, но „светците“ сепак треба да бидат благодарни за подарок-голот на Ибрахимовиќ за 1-1, еден од клучните моменти на мечот на „Паркот на принцовите“. Тренерот Лорен Блан реши токму на оваа средба да го врати во првиот тим Серж Орие (претходно суспендиран поради навреди кон тренерот и соиграчите), но тоа се покажа како лош избор бидејќи токму Орие заедно со Тијаго Силва беше директен виновник за погодокот со кој Фернандињо ги постави конечните 2-2.
Мечот започна со најбрзиот жолт картон во историјата на Лигата на шампионите. Во аналите се запиша бразилскиот ас Давид Луис кој доби опомена по само 12 секунди игра.
Истиот играч беше во фокусот на вниманието но во казнетиот простор на Сити откако беше фаулиран од Сања и оправдано беше досуден пенал. Сепак Џо Харт успеа да го измами Ибрахимовиќ и да го одбрани ударот од 11 метри и со тоа да не му дозволи на ПСЖ да поведе во 14.минута.
Првиот гол на мечот го постигна Кевин де Бруин за водство на гостите во 38.минута. Ибрахимовиќ до крајот на полувремето успеа да го израмни резултатот по големата грешка на Фернандо, кој го удри Златан со топка во ногата, по што таа заврши во празната мрежа крај немоќниот Харт.
Францускиот првак беше тимот што многу повеќе напаѓаше, а по неколкуте шанси „светците“ постигнаа и втор гол, Кавани шутираше со глава по корнерот на Ди Марија. Харт кратко ја одби топката, на неа налета Рабио и ја смести во мрежата. При водство од 2-1 ПСЖ промаши уште една одлична шанса, обидот на Ибрахимовиќ заврши во гредата, по што Кавани по одбиената топка шутираше високо над голот.
Манчестер сити на крајот успеа да остане непоразен благодарение на голот на Фернандињо, откако бразилскиот играч за врска најдобро се снајде по несмасните интервенции на Орие и Тијаго Силва, па со помош на дефанзивците на ПСЖ ја смести топката зад грбот на Трап. Пари сен Жермен се обиде да постигне и трет гол, но „светците“ не успеаја во тоа, па Сити се враќа назад во Англија со одлично реми од 2-2.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)