На прв поглед ова се чини како просперитетен град – град каде што богатите граѓани ги трошат своите пари на живописни куќи како во Беверли Хилс, гордо покажувајќи што сѐ постигнале во животот. Но, светло обоените улици кријат многу помрачна тајна: наводно ова е град кој е изграден со парите од социјална помош добиени во Британија. Добродојдовте во Тандареи, градот каде што многу куќи се изградени грбот на великодушниот британски систем за социјална помош – и со способноста на криминалниот општествен слој да го манипулира тој систем.
Тандареи се наоѓа на околу 160 километри источно од романскиот главен град Букурешт и во последните неколку години е до толку изменет што не може да се препознае. Бројот на раскошните куќи како палати се зголемил тројно во овој град од 12.000 жители откако за првпат го привлекол вниманието на јавноста.
Во дворовите на повеќе од триста од тие палати се паркирани скапи ВМВ-а и нови фолксвагени, за кои се вели дека се платени од британските даночни обврзници, пари заработени незаконски преку манипулации со системот за социјална помош во Велика Британија.
Некои куќи имаат тераса на секоја соба и се смета дека им припаѓаат на гангстери од ромско потекло кои го искористиле правото на слободно движење низ Европа за од Британија да изнесат десетици илјади фунти. Многу од автомобилите паркирани пред куќите имаат британски таблички. Во Британија растат критиките дека овие емигранти доаѓаат во нивната земја и бараат социјална помош, за потоа парите да ги праќаат дома на своите семејства во Романија, каде што просечната годишна плата изнесува околу 5100 евра. Според владините статистики на Велика Британија, повеќе од 3000 Романци побарале социјална помош во развиената западноевропска земја.
Правилата за добивање социјална помош во последните години се затегнаа, при што невработениот мигрант од ЕУ мора да престојува најмалку три месеци во земјата за да може да побара социјална помош во целосен износ, при што немаат право на помош за престој – но многумина сепак успеваат да ги забиколат овие правила.
На пример, тие кои што пристигнуваат како работници со заснован работен однос имаат различна класификација според правилата на ЕУ. Тоа знач дека го имаат истиот пристап до социјалната помош и додатоци како и секој државјанин на Велика Британија, што значи 20,7 фунти (25,7 евра) неделно за најстарото дете и дополнителни 13,7 фунти (17 евра) неделно за другите деца. Ова значи дека за една година едно семејство со три деца добива повеќе од 3100 евра помош, што е повеќе од половина од просечната годишна заработувачка во Романија.
Ако на ова се додадат и другите видови на помош, како и работата на црно и криминалните активности, не е тешко да се замисли од каде доаѓаат парите за овие раскошни куќи. Алеку Василе, 60-годишен граѓанин на Тандареи вели: „Мислам дека вакви куќи не можат да се изградат со чесно заработени пари… Јас едвај врзувам крај со крај овде“.
Но, жителите на овој мал град всушност не сакаат нивните соседи Роми да се вратат во блиска иднина. Тие всушност стравуваат од часот кога ќе се вратат околу 5000 Роми кои се иселиле од нивниот град. Жителите на градот велат дека мирот во градот се враќа кога тие се надвор од земјата. Кога ќе се вратат за државните празници и за посебни прилики како православните христијански празници, се враќа хаосот.
Еден вели: „Мило ми е што се надвор. Кога ќе се вратат, не излегувам по стемнување и не го посетувам годишниот панаѓур повеќе. Едноставно е премногу опасно и има шанси да се вратам дома без својот паричник. Кога ќе се вратат, сакаат сите членови на семејството да се околу нив. А семејствата постојано се зголемуваат. Овде има еден виц – тројца Роми заминуваат во Велика Британија, а се враќаат десет.
Тие сакаат големи семејства, Ромите отсекогаш имале бројни семејства, но сега имаат можност и да заработат благодарение на децата. Сите знаат за социјалната помош во странство и си помагаат и се советуваат едни со други како да ја остварат. Од таму доаѓа нивната готовина.“
Друг сосед споделува дека неговиот син загинал во тепачка со Ром. „Овде има повеќе Роми отколку било каде на друго место. Сега околу три четвртини од луѓето кои живеат овде се Роми. Наскоро нема да остане ниту еден Романец овде“, вели тој.
Сега Ромите најмуваат Романци да се грижат за нивните куќи кога не се дома. Две од огромните куќи им припаѓаат на ромската банда позната како кланот Раду. Раскошната портокалова куќа стои напуштена откако тие биле уапсени во Британија пред пет години. Адријан Раду, триесет и тригодишниот син на еден од водачите на бандата, Консантин Раду, незаконски подигнал 29.000 фунти социјална помош од Велика Британија во периодот 2008-2010 година, кога се наоѓал во Романија.
Кога полицијата го уапсила во Тандереи, тој живеел во својата палата со шест спални соби, поплочена со мермер, и возел скап ауди Q7. Паркингот сега е празаен и на портата е закачен знак на кој пишува дека сопствениците се во странство.
Има и други случаи кога неговите сонародници се казнети поради незаконско подигнување социјална помош во Велика Британија. Илие Шиjан бил осудена три години зад решетки поради тоа што незаконски подигнал околу 114.000 фунти социјална помош. Шиан, кој бил затворен во 2010 година, создал лажен идентитет со цел да ги подигне парите коишто потоа ги потрошил на спортски автомобили и куќа со седум спални соби во неговата родна земја.
„Слушнав дека добиваат голема социјална помош во Британија затоа што имаат многу деца“, вели една сосетка. „Роџер, еден од членовите на кланот Раду, има осум деца. Не знам кога успеваат да направат толку многу деца.“
Дуду и Роџер, и двајцата од истата банда, имаат луксузни предмети во нивните куќи кои ги отвoраат само за празниците. „Минатата година Дуду го промени сиот мебел. Но три од куќите отспротива кои им припаѓаат на неговите роднини се празни.“
Во многу нешта Тандареи воопшто не се променил во текот на децениите. Сѐ уште стојат старите комунистички згради изградени од Николае Чаушеску, последниот комунистички лидер на Романија кој со булдожер ги изринал селата за да ги присили луѓето да се преселат во градовите. Но, брзиот растеж на ромските семејства предизвикува и дополнителен притисок врз Романците да ги продаваат своите домови и да се иселуваат.
Една жена раскажува: „Сум слушнала дека во други области луѓето навистина се под голем притисок и нештата можат да станат гадни. Повеќе пати во годината ме прашуваат дали го продавам имотот. Тие се секогаш пријателски расположени и љубезни и не би можела да кажам дека заплашуваат. Но навистина се склони да ги имаат своите семејства во близина и сакаат да ја откупат земјата околу нив.“
Романците сега стравуваат дека ако Велика Британија ја напушти Европската унија, Ромите масовно ќе се вратат во Романија со што животот ќе им се претвори во пекол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.