| четврток, 6 декември 2018 |

Торес ја спаси Барса, Баерн со минимална победа (видео)

torres-red

Вечерва се одиграа првите двa четвртфинални натпревари во Лигата на Шампиони.

Барселона на домашен терен, во еден крајно тежок натпревар, успеа да извлече победа од 2-1 над Атлетико Мадрид.

Како и што најави пред натпреварот, тимот на Диего Симеоне одлично беше подготвен за дуелот со големата Барса, која во првото полувреме беше изгубена на теренот. Меси, Нејмар и Суарез тешко доаѓаа до некаква шанса за погодок.

А, во 29. минута затишје на „Камп Ноу“ – одлична акција на Атлетико Мадрид, Торес постигнува гол по баспрекорното додавање од Коке.

Атлетико продолжи со подобра игра, Барса се мачеше, но во 35. минута голем шок за Диего Симеоне токму од стрелецот на голот – Фернандо Торес по еден крајно непотребен старт над Бускетс, добива втор жолт картон и е исклучен од натпреварот.

Првото полувреме заврши без нов погодок, а веќе во вториот дел на теренот постоеше само еден тим – Барса.

Одбраната на гостите успеваше да ги запре налетите на Меси и Нејмар, но сепак во 63. минута, после толку обиди, Барселона стигна до погодок – Алба шутираше од левата страна кон голот, а топката успеа да ја закачи Суарез и да постигне гол за израмнување на резултатот.

12 минути подоцна, Уругваецот прави целосен пресврт – постигнува одличен гол со глава по нафрлената топка од Алвеш и ги постигнува конечните 2-1 за Барселона.

 

Во вториот натпревар вечерва, петкратниот шампион на Европа, Баерн Минхен на домашен терен ја совлада Бенфика со 1-0 и во реванш-натпреварот во Лисабон патува со минимална предност, но значајна доколку се земе в предвид дека не прими гол.

Само 108 секунди поминаа од почетниот свиреж на натпреварот, а домашната екипа на „Алијанц Арена“ го постигна водечкиот и единствен гол преку Чилеанецот Артур Видал.

По првиот погодок тимот на Пеп Гвардиола продолжи со доминантната игра, а најголема шанса за зголемување на водството имаше Томас Милер во 20. минута кога во петерецот доби одлично додавање и биеше од прва, но сепак само во добропоставениот Едерсон.

Португалскиот голман дефинитивно беше најсветла точка во редовите на Бенфика. Иако прими гол за неполни 2 минути игра, сепак имаше и неколку одлични интервенции и не дозволи Баерн да си осигура повисока предност пред реванш-дуелот во Лисабон, кој ќе се одигра следната среда (13 април).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top