Од утре стапуваат на сила новите намалени цени на 165 лекови (оригинатори и генерички лекови). Станува збор за деветто по ред намалување на цените на лековите согласно методологијата на Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија. Вкупната заштеда од ова намалување на цените на лековите е над 653.000 евра.
Цената на рамиприл е намалена за 50 отсто, а на валсартан за 40 отсто.
– Намалување на цената за 15 отсто има и кај хиконцил, тоа е амоксицилин по генеричко име, значи антибиотик. Има големо намалување на цената кај лековите мирзатен и велафакс кои се користат за третман на депресија. Што се однесува до болничките лекови има намалување на цената на флударабин (за третман на хронична леукемија), топотекан (за третман на карцином на јајници и грло на матка), ликсумиа (раствор за инјектирање за дијабетес мелитус тип 2). Се намалува и цената на сандостатин лар (хормон за раст), еилеа (лек за макуларна дегенерација во офталмологијата)…, додаде Дарковска Серафимовска.
Со ова деветто по ред намалување на цените на лековите од 2012 година, досега се опфатени над 4.800 лекови, чија цена е намалена два или повеќе пати. Вкупната заштеда со тоа е над 33 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.