Советот на Интернационалниот фестивал „Танц-фест“, ја додели годинашната награда „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцот на кореографот Милко Шпаремеблек…
Милко Шпаремблек припаѓа на генерација на светски познати уметници, кои со својата работа го менуваат светот на танцот во втората половина на 20 век. Поголемиот дел од својата уметничка кариера, која брои скоро седум децении, ја поминува во најголемите градови во светот: Париз, Њујорк, Лондон, Лисабон, Лион, Брисел, Мадрид, Милано, Атина, Рио Де Жанеиро.
Негова матична куќа останува Националниот балет од Загреб, каде што има создадено дела од извонредно уметничко и естетско значење. Роден е во Преваљ, Равна на Кошкем, а се школува во Загреб, каде што студира книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет , но паралелно изучува балет кај педагозите Ана Роја и Оскар Хармоша, при балетот во Хрватскиот народен театар.
Во балетот, според неговото раскажување, се нашол сосема случајно, како статист во претстави и фасциниран од танцовата уметност својот живот го посветува на креирање и создавање во таа област.
Во Националниот балет во Загреб е ангажиран во 1947 година, каде заедно со колегите Маргарет Фроман, Пије и Пина Млакара, Оскар Хармош, Ане Роје, Ненад Лотке, Фран Јелинчич, Весељка Сулич, Миљенка Бановиќ, Петра Добријевиќ, Вица и Ладислав Сертиќ, Невенка Биџин, Соње Кастл, го создава темелот на повоената балетска уметност во Хрватска. Набрзо станува солист во загрепскиот балет, во кој остварува улоги од класичен, неокласичен и домашен балетски репертоар.
Желбата за образование и освојување нови хоризонти во балетската уметност, го носи надвор од Хрватска во 1953 година, кога добива стипендија од француската влада и заминува за Париз, град во кој во тој момент егзистираат голем број на компании. Неговиот престој во Париз, се поклопува со промените предизвикани од гостувањата на американски современи танцови компании, кои го донесуваат духот на новото време, со што се развива и поттикнува неговито интерес за современиот танц.
Шпармблек, завршува и филмска режија, и кон крајот на шеесетите години на 20 век е ангажиран како режисер во Француската национална телевизија. Во тоа време, станува светски познат кореограф, а неговите кореографии се играат на повеќе континенти. Тој дејствува во многу уметнички кругови како кореограф, педагог, режисер, драматург, костимограф, сценограф, мајстор светло, ТВ режисер. По неколку успешни проекти кои ги остварува во познатата њујоршка Метрополитен опера, во 1971 година е ангажиран како директор на Балетот во Метрополитен операта.
Милко Шпаремблек создава свој препознатлив стил врз основа на неокласиката и движења блиски на бежартовскиот сензибилитет, со свој посебен контекст, специфично сместен во однос на музиката, приказната и мотивацијата на самите танчери, па затоа танц театарот на Шпаремблек е познат како промислен, племенит и енергичен.
Уметничкиот стил на Шпаремблек произлегува од неговиот личен став кој го подразбира современиот танц како синтеза на сите дотогашни познати стилски и технички елементи, чија примена и редослед зависат од моменталната инспирација на авторот. Со ваквиот начин на размислувањее ги создава своите дела, некои од нив остануваат запаметени во интерпретациите на светски познатите ансамбли и трупи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.