| четврток, 6 декември 2018 |

Големо свлечиште, отсечени три кривопаланечки села

Големо свлечиште на локалниот патен правец од Крива Паланка до селата Дурачка Река и Станци предизвика прекин на сообраќајот со три кривопаланечки села.

Увид на лице место изврши градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, екипи од стручните служби од општината и претставници од Дирекцијата за заштита и спасување.

svleciste-bitola

Се бара итно решавање на проблемот и овозможување пристап на жителите од овој реон.

– Ние сме во процедура на решавање на помало свлечиште на овој патен правец, а ова што се случи, огромниот одрон е алармантно. Во текот на вчерашниот ден имаше помало свлекување кое се обидовме со градежна механизација да го расчистиме, но се утврди дека е ризично и може да биде опасно по животот на работниците доколку настане поголемо свлечиште. За среќа екипите се повлекоа, а одронот настанал доцна во ноќта и рано изутрина. Интервениравме до Министерството за транспорт и врски, присутни се екипи од ДЗС, а во текот на утрешниот ден се очекува да вршат проценка и увид експерти од Градежниот факултет од Скопје, изјави градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.

Драган Јовановски од Дирекцијата за заштита и спасување од Скопје од секторот за планирање, организирање и спроведување мерки за заштита и спасување по увидот рече дека првичните претпоставки се дека одронот е поради големата количина вода која од врнежите дотекувала на постојниот пат за село Дренак.

Во овој момент околу 300 жители од трите села Станци, Дренак и Дурачка река се отсечени од градот, а на овој потег се наоѓа и изворот на Станечка река каде е лоциран и едниот доводоен цевковод на водоснабдителниот систем во градот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top