| четврток, 6 декември 2018 |

Свлечиште однесе дел од патот во село Рајчица

Наглото топење на снегот и дождовите активираа свлечиште во дебарското село Рајчица, кое однесе дел од асфалтниот пат за горната маала.

Патот е крак од регионалниот пат Дебар-Маврово а ги поврзува селото Рајчица,каде што е познатиот манастир „Свети Георгиј Победоносец“ со горната маала, во која постојано живеат дваесетина семејства.

– За сите нас е тешко, бидејќи ние повозрасните одиме на работа во Дебар и соседните населени места, а уште поголем проблем е за нашите деца, кои се основци, вели Богдан Зафировски жител, додавајќи дека патот секојдневно го користат и други лица кои имаат свој имот и истиот го обработуваат, пренесува МИА.

Од општина Дебар потврдуваат дека биле на увид.

– Заедно со претставнци на месната заедница и од манастирот бевме на самото место и ја утврдивме состојбата. Потребно е да се изгради потпорен ѕид, што во сегашни временски услови е тешко. Разговаравме и околу можноста за проширување на патот, но пречка претставува карпата, која треба да се минира од страна на соодветни стручни лица за тоа, вели Решат Ќормемети претставник на општина Дебар.

Според него за состојбата е запознат и градоначалникот па се прават напори што поитно да се надмине проблемот,бидејќи дождот,кој врне и денес ќе услови дополнително оштетување на патот а што би довело до целосно блокирање на жителите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top