| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ: Заканите не ме плашат, јас не сум предавник

Ivica Dacic

Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека секојдневно добива заканувачки пораки поради потпишувањето на договорот за северот на Косово, но нагласи дека тоа не го плаши.

Дачиќ вечерва на гостувањето на РТС рече дека и вечерва добил порака со заканувачка содржина од човек од Сремска Митровица, чија содржина била дека тој ќе добие куршум, но дека во консултации со вицепремиерот Александар Вучиќ на полицијата ѝ наложил да не реагира на таквите закани.

– Полицијата почна да работи на тоа, но Вучиќ и јас го прекинавме тоа за да не правиме херои од нив и за да не испадне дека ние се плашиме од нешто – вели Дачиќ.

Тој истакна дека не е предавник и дека сака да води јасна и одлучна политика, потсетувајќи на 1389 година и жртвата на Србија поради зачувување на својот народ.

– Добив и порака дека сме го предале царот Лазар. Тој почина на Косово, го уби Бајазит. Царицата Милица следната година ја одведе својата ќерка во харемот на Бајазит, ја даде за човекот што го уби нејзиниот сопруг, на човек од друга вера, кој ја нападна Србија. Зошто? Одлуката ја донесе Соборот и Црквата. Дали царицата го предаде царот Лазар? Тоа го направи поради својот народ и денес во СПЦ, Милица и Оливера се симбол за жртва за српскиот народ – објаснува Дачиќ.

Премиерот на Србија им порача на граѓаните кои заминале во странство да не делат лекции од тие земји, туку да се вратат во Србија и да ја поделат судбината на својот народ.

– Од Австрија еден човек ми испрати порака и рече дека не треба да влеземе во ЕУ. Тој отишол во Австрија, таму ги однел и децата, а овде други деца ќе бидат уништувани. Вратете се во Србија, делете ја судбината со сите, па потоа делете лекции – порача Дачиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top