| четврток, 6 декември 2018 |

Нема гол, нема победа – Македонија поразена од Бугарија (видео)

mkd-bul-290316

Македонската фудбалска репрезентација доживеа нов пораз во пријателски натпревар. Вечерва на Националната Арена „Филип Втори“ нашата репрезентација загуби од Бугарија со 2-0.

Избраниците на Ангеловски стартуваа добро во првото полувреме, уште во 9. минута Ибраими со шут од далечина имаше обид да го изненади бугарскиот голман, кој иако прво погреши, сепак успеа во последен момент да спречи топката да ја помине гол линијата.

Најсериозната шанса ја имавме во 24. минута, кога по додавањето од Горан Пандев, одлично биеше со глава Ванче Шиков, но сепак ја погоди само стативата од гостинскиот гол.

Немаше голови во првото полувреме. Во вториот дел продолживме дури и поактивно во нападот, но овој пат без некоја посериозна шанса.

Бугарските фудбалери искористија еден брз против напад и во 65. минута Димитар Рангелов со глава го совлада нашиот голман Димитриевски за водство од 1-0.

Нашите фудбалери, ниту по примениот гол, не создадоа некоја посериозна шанса. Крај на натпреварот и на било каква надеж, барем за нерешен резултат, стави нововлезениот бугарски репрезентативец Александар Тонев во 87. минута, по една одлична акција на гостите, за конечни 0-2.

Публиката своето незадовоство од прикажаната игра на македонските фудбалери го изрази со свирежи на патот кон соблекувалната.

Ова е трет загубен натпревар во низа на македонската репрезентација и што е уште позагрижувачки, на трите нема постигнато ниту еден гол.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top