| четврток, 6 декември 2018 |

Од денеска оглас за 500 лица за мерката Практикантство

dime

Петстотини невработени лица кои имаат завршено средно или високо образование од денеска имаат можност да аплицираат за мерката практикантство во приватни компании.

– Преку мерката практиканство младите невработени можат да се стекнат со практично искуство во работни услови во приватните компании во период од 3 до 6 месеци. Огласот се објавува за 500 невработени лица, а може да аплицираат сите заинтересирани компании, истакна заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој беше во посета на компанијата „Дигиком“, во која досега практично се обучувале повеќе лица.

Информира дека досега преку практиканство се ангажирани над 2.500 млади лица од кои 1.315 се вработени.

– Ги повикувам невработените лица да ја искористат мерката и да аплицираат, но да аплицираат и приватните компании кои преку неа ќе можат полесно да најдат заинтересирани лица, рече Спасов.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски истакна дека компаниите се слободни можат да изберат лица кои тие сакаат, кои можат да бидат и во завршни години на факултет и да го земат на практична работа, со тоа што, како што рече, треба да појдат во АВРМ и да го пријават договорот кој го склучуваат со практикантите.

– Се надевам дека мерката ќе поттикне доста компании да ги отворат вратите да им дадат можност на младите да се едуцираат практично бидејќи нашиот образовен систем е доволно теоретски исполнет, а слаб со практична работа, рече Поповски.

Информира дека лани мерката практиканство ја искористиле 980 практиканти, со тоа што, како што посочи, 208 се во работен однос, а дел од нив преговараат за вработување во компаниите. Појасни дека компаниите се задолжени да го исплатат надоместокот за доаѓање на практична работа, а практикант едно лице може да биде само еднаш во животот.

Компанијата „Дигиком“ е компанија која работи со сервис и продажба на компјутери, компјутерска опрема и секаква информатичка технологија. Постои повеќе од 20 години на македонскиот пазар и покажува одлични резултати. Голем дел се вработени преку мерките за вработување кои ги реализира Владата преку АВРМ и МТСП.

Александар Анчевски вработен во „Дигиком“ повеќе од 8 години, истакна дека компанијата во текот на годината соработувала со повеќе практиканти. Дел од нив, рече, останале дел продолжиле понатака со работа во други компании, а изрази надеж дека и во иднина ќе има можност практиканти да станат дел од тимот на компанијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top