| четврток, 6 декември 2018 |

Албанскиот комесар за антидискриминација бара извинување за кршењето табли во Пустец

irma baraku

Поради заканите кон Македонците, оштетувањето и кршењето табли со македонски натписи на гимназијата, здравствениот дом во Пустец, како и на патоказите во општината, комесарот за заштита од дискриминација на Албанија побара од Алијансата на црвено-црни да се извини. Доколку не го сторат тоа во рок од 30 дена, ќе уследи парична казна, известува новинскиот сајт „Македониум“.
До комесарот Ирма Бараку за инцидентите на 16 ноември лани жалба за националистичкиот чин на Алијансата на црвено-црни поднела општина Пустец.

pustec
Во жалбата поднесена од Едмонд Темелко, градоначалникот на општина Пустец се вели дека „членови на ултранационалистичката партија Алијанса на црвено-црните ја оштетија патната сигнализација на општината, таблите на гимназијата и на здравствениот дом, како и се закануваа на македонското малцинство”. Во жалбата се посочува и дека нападите од Алијансата биле со објаснување дека станува збор за револт што на територијата на општината информативните табли се само на македонски јазик.
Албанскиот комесар забележува дека албанската држава е ангажирана да ги штити правата на националните малцинства, со потпишувањето и ратификувањето на меѓународни акти и доближувањето на внатрешната легислатива со нив. Албанската легислатива содржи законска основа за заштита на националните малцинства. Членот 3 од Уставот на Република Албанија меѓу другото предвидува дека: „Соживотот и разбирањето на Албанците со малцинствата се основата на ова држава, која има за задача да ги почитува и заштити”.
Во одлуката која ја донел комесарот се вели дека „како што се гледа од извршената инспекција во општина Пустец, патната сигнализација и сигнализацијата на здраствениот дом и гимназијата се на два јазици, албански и македонски. Дадената информација од политичкиот субјект Алијанса на црвено-црни, со кој ја оправдуваа акцијата, не е точна и ја дезинформираат јавноста. Сигнализацијата во општина Пустец е во согласност со законските барања и во почитување на човековите права воопшто и спроведување на меѓународните акти и на албанската легислатива што ги штити правата на малцинствата“.

Pustec
Нападите и заканите на Алијанса на црвено-црните во општина Пустец ги осудил американскиот амбасадор во Албанија, Александар Арвизу. Во своето обраќање на 15-та Меѓународна конференција за безбедност на Западен Балкан на 14 декември американскиот дипломат порача дека „Последните закани против македонското малцинство во Пустец од страна на некои погрешно насочени индивидуи, е целосно неприфатливо и треба категорично да се отфрли од сите Албанци”, потсетува „Македониум“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top