Најдобрата светска тенисерка Серена Вилијамс мошне тешко го прифати синоќешниот пораз од Светлана Кузњецова во третото коло од Мастерсот во Мајами каде ја бранеше титулата.
Ова е трет турнир на кој настапи оваа сезона, на два од нив беше актуелен освојувач на трофејот, но не успеа да се закити со ниеден од нив. Евидентната криза во резултатите на Американката беше причина таа да ја прекине прес конференцијата по само три минути и тоа видно изнервирана.
– Дадов сѐ од себе, но не можам да победувам на секој меч. Некои тенисерки излегуваат на теренот и против мене играат како никогаш во кариерата. Јас сум физички в ред, но можеби не се движев поарно и тоа може да биде една од причините за поразот – изјави Серена.
Таа се уште е без конкуренција лидер на ВТА листата, но последниот трофеј го освои во август минатата година и тоа на Мастерсот во Синсинати. Неодамна излегоа информации дека на крајот од оваа сезона ќе стави крај на кариерата што и не е многу чудно ако се знае дека тогаш ќе има полни 35 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.