| четврток, 6 декември 2018 |

Марјан Спасески: Младите се промотори на новите вредности во општеството

Како институција одговорна за креирање младински политики и поддршка на развојот на младите луѓе, во секој од чекорите кои ги преземаме, тежнееме кон инклузивност и соработка со младите. Како никогаш досега младите луѓе добија бенефиции, со кои се подобрува општата благосостојба и се потенцира нивното значење во општеството, вели Марјан Спасески, Директор на Агенцијата за млади и спорт, кој ги нагласува и инвестициите во спортска инфраструктура и грижата кон спортските работници

Спортската инфраструктура е предуслов за успешен спорт. Изминативе години се изградија голем број спортски објекти низ целата држава. До каде се инвестициите на Агенцијата за млади и спорт во тој дел, но и дали објектите ја докажуваат својата функција?

– Во изминатите неколку години спортистите и спортот претставуваат еден од нашите врвни приоритети што е една сосема поинаква слика од минатото во кое спортот стагнираше, а изградба на спортски објекти речиси и воопшто да немаше. Денеска сликата е многу поинаква. Денеска се гради насекаде, во секој дел од државата. Знаете, многу често во своите обраќања велам дека успехот во спортот, недвосмислено е поврзан со условите за тренинг и развојот на спортската инфраструктура. Да се има само желба или талент не е доволно, доколку за тоа не се обезбедат соодветни инфраструктурни услови. Токму затоа Владата преку АМС, но и преку другите ресорни институции во изминатата деценија во континуитет вложува во подобрување на спортската инфраструктура, а со единствена цел да се создадат нови спортски ѕвезди кои ќе ја претставуваат Македонија на европските и светски натпреварувања.

Semejni_Vrednosti_Pr_2

И верувајте, континуираната изградба на спортските објекти веќе ја докажува својата корист. Во салите се бара термин повеќе, фудбалските терени се дом на фудбалските школи, а тениските и повеќенаменските игралишта се едни од најискористените спортски објекти во сите општини. Тоа ми дава за право да верувам дека сме на вистинскиот пат и дека со уште позасилено темпо треба да продолжиме со овие инвестиции.

Динамиката на изградба е на одлично ниво. Само во минатата година, една од најуспешните за АМС, изградивме вкупно 56 спортски објекти низ целата држава. Во изминатите десет години изградени се вкупно 222 спортски објекти во преку 70 општини, за што од АМС се издвоени преку 43 милиони евра. Со исто темпо продолжуваме и понатаму. Годинава продолжуваме со градба на спортските сали, на 18 нови тениски терени од проектот за изградба на 120 тениски терени, како и на 22 нови повеќенаменски игралишта од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта, но и 10-тина нови спортски игралишта, кои се вон проектот, а се резултат на теренските посети на Владиниот тим низ цела Македонија.

slika 5 - povekjenamensko igraliste Gjorce

Продолжуваме со градба на затворениот базен во Охрид, а годинава ќе започне изградбата и на отворениот пливачки базен во Шуто Оризари. Веќе ги најавивме и новите проекти кои АМС ќе започне да ги реализира. Еден од нив е и проектот за изградба на фитнес зони во 20 општини во државата, за што веќе го изготвивме проектот и очекувам веќе наесен да стартуваме со изградба. 6 градови ќе добијат и нови скејт паркови за љубителите на адреналинските спортови, а од 2017 година ќе започнеме со градба на 150 игралишта за „street basket“ на локации кои се најпосетувани од младата популација и каде играта прераснала во традиција и урбана култура. Овие игралишта ќе бидат со тврда акрилна подлога која ќе може да се користи на сите временски услови и ќе бидат соодветно осветлени, со сите потреби и реквизити неопходни за овој вид спортување. Ако може да забележите, нашите проекти се дисперзирани низ целата држава. Тоа е особено важно, бидејќи секогаш се раководиме од девизата дека спортот не е и не смее да биде привилегија само на одбраните, или само на големите и урбани центри. Напротив, тој мора да биде достапен секому и секаде подеднакво.

Во делот на спортот, Агенцијата за млади и спорт доделува спортски стипендии. Но, имате и некои нови проекти по кои станавте препознатливи меѓу спортистите и спортските работници.

-Она на што сум особено горд, се двата нови проекти кои како моја идеја за прв пат ги реализиравме минатата година. Станува збор за проектот „Спортот и семејните вредности“, чија основна цел е да се промовира спортот преку семејните вредности и да се стимулираат граѓаните преку спортот и спортските активности, да се дружат повеќе меѓусебно, но и да се зајакнат врските во семејството. За прв пат го реализиравме во октомври минатата година во СЦ „Борис Трајковски“ , на кој повеќе од петстотини родители и македонски спортисти заедно спортуваа и се дружеа. Проектот го проширивме и во некои други општини како Штип, Прилеп и Василево, а поради големиот интерес ќе се реализира и во други општини.

slika 23- sportot i semejnite vrednosti

Вториот проект е именувањето на првите „Амбасадори на спортот“, кој според мене многу позитивно одекна во јавноста и ја одбележа минатата година. Имено, Владата, на иницијатива и предлог на АМС донесе одлука со која ги именуваше првите македонски спортски амбасадори: Кирил Лазаров во Кралството Шпанија, Андон Дончевски во Австралија, Агим Ибраими во Република Словенија и Јошко Миленковски во Република Турција, како значајни личности кои придонесуваат за меѓународна промоција и афирмација на Република Македонија. Спортот е најдобриот амбасадор на секоја земја, а нашите успешни спортисти и спортски работници кои живеат и работат надвор од Македонија се наши вистински репрезенти.

slika 20 -ambasadori 2

Агенцијата за млади и спорт со стипендиите ги опфаќа сите категории спортисти. Со стипендијата за талентирани спортисти- “Спортска надеж” ги опфаќаме најмладите спортисти до 20 години. Тоа претставува награда за трудот за најмладите спортски надежи, кои секојдневно се вложуваат и се надградуваат. Во текот на годината, во период од 10 месеци, 500 млади спортисти примаат стипендија од околу 4 200 денари месечно, со што можат да ги подмират своите издатоци во текот на спортувањето како што се поквалитетна исхрана, односно витамини, протеини, јаглехидрати, нова опрема за тренинг, патики, дресови, итн. Тие треба да исполнат неколку услови, односно да се на возраст до 20 години, да се државјани на Република Македонија, да се репрезентативци во младинските категории и активно да спортуваат и тренираат во периодот додека ја добиваат стипендијата.

Во изминативе неколку години даваме директна поддршка на професионалните спортисти, кои постигнуваат врвни спортски резултати на меѓународната спортска сцена и во континуитет доделуваме стипендии од меѓународна и светска категорија. Ваквите стипендии се доделуваат на спортисти сениори, државјани на Република Македонија, врз основа на постигнати резултати во одреден временски период. Еднаш стекнатата спортска категорија има траен карактер и доживотно му припаѓа на спортистот како титула. Покрај титулата, спортистите добиваат и паричен надоместок од Агенцијата во одреден временски период. Стипендијата од меѓународна категорија се исплаќа во времетраење од две години во вредност од 1,3 просечни плати секој месец, додека стипендијата од светска категорија се исплаќа четири години во вредност од две просечни плати секој месец.

Дополнително, Агенцијата за млади и спорт со воведувањето на Националното спортско признание, популарно наречено “спортска пензија” никогаш не ги заборава спортистите кои постигнале врвен резултат и ја промовирале Македонија во светски рамки. Тоа е успех за сите граѓани и државата, пример дека со работа, мотивација и желба победите во секоја област се достижни и остварливи. Националното спортско признание се добива во вид на плакета и месечен финансиски надоместок, во висина од една просечна плата до крајот на животот. Со сите овие државни стимули покажуваме дека Република Македонија се грижи за развој на македонскиот спорт.

Semejni_Vrednosti_Pr_1

Она што е особено значајно во делот на поддршката на спортските работници, а особено на тренерите е нивното континуирано стручно усовршување. Во таа насока, од минатата година за прв пат започнавме и со реализација на проектот „Стручна специјализација на македонски тренери во реномирани светски центри”, со кој досега опфативме 10 тренери од вкупно 7 колективни и индивидуални спортови, кои веќе поминале или ќе поминат соодветна обука со примена на новите тренажни технологии. Овој проект планираме годинава да го надградиме, а како една од обврските која се наметнува кон тренерите кои ќе посетуваат ваква стручна специјализација е потоа да одржат обуки со останатите тренери во федерацијата и да ги пренесат стекнатите знаења.

Во фокусот на нашето внимание, покрај спортистите, се и учениците, студентите но и наставниците по физичко и здравствено образование. Секоја година 300-те најдобри ученици во рамките на Училишните спортски игри ги наградуваме со бесплатно летување и посета на 7-дневен училишен спортски камп каде имаат можност да се дружат со нивните спортски идоли. За професорите пак, секоја година го спроведуваме проектот за нивно континуирано усовршување, со кој се опфаќаат околу 1.000 наставници од основното и средното образование.

Во делот на младите, колку успева Агенцијата за млади и спорт да ги анимира младите и дали во наредниот период планирате нови проекти?

-Како институција одговорна за креирање младински политики и поддршка на развојот на младите луѓе, во секој од чекорите кои ги преземаме, тежнееме кон инклузивност и соработка со младите. Правиме обид да ги консултираме, вклучиме и информираме. Во делот на младите, во изминатиот период реализиравме проекти со кои се потврдува нивната движечка сила како промотори на новите вредности на општеството и државата. Имено, како никогаш досега младите луѓе добија бенефиции, со кои се подобрува општата благосостојба и се потенцира нивното значење во општеството. Младите ги уживаат бенефитите од проектите „Слободен четврток“, „Средношколска среда“, бесплатен железнички викенд, бесплатен јавен транспорт, попусти во културните институции и многу други. Покрај овие мерки, кои ги реализираат различни институции, Агенцијата за млади и спорт во рамките на своите надлежности во континуитет реализира проекти од интерес за младите.
Втора година по ред го реализираме проектот „Млади поети“ со кој сакаме да ги стимулираме и поттикнеме младите луѓе кои творат поезија да придонесат во збогатувањето на и онака богатата македонска творечка ризница. Во рамките на проектот ги наградуваме најдобрите, но сметам дека најголемата награда за сите млади поети е тоа што нивните дела ја видоа светлината на денот и беа објавени во збирката поезија, која ја дистрибуиравме до сите основни и средни училишта во земјава и до сите јавни библиотеки.
slika 14 - mladi umetnici

Во изминатиот период успешно го реализиравме и проектот за откривање на уметничките потенцијали кај младите луѓе „YOUNG ART“. Кампањата ja започнавме со објавување конкурс на кој пристигнаа голем број уметнички авторски дела со што младите уште еднаш ја потврдија својата креативност и потенцијал во уметничкото творештво. За најдобрите, Агенцијата за млади и спорт определи по една награда во износ од 40.000 денари во секоја од петте дисциплини. Проектот го финализиравме со завршна изложба во Националната галерија на Македонија, објектот Мала станица, која имаше продажен карактер и на која беа претставени сите пристигнати уметнички дела во петте категории: сликарство, вајарство, фотографија, графика и графички дизајн. Овие два проекти покажаа дека македонската младина крие уметнички и творечки потенцијал, кој треба да се стимулира за да излезе на виделина. Токму затоа, проектите во континуитет ги реализираме секоја година.

Одлична реакција имавме и за реализацијата на проектот „Најдобар млад програмер“ со кој ги стимулираме младите средношколци за продолжување на своето образование на техничките науки. За успешна реализација на проектот потпишавме Меморандум за соработка со Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство и со Здружението на информатичарите на Македонија, кое поседува лиценца за одржување на државни натпревари во Република Македонија во програмирање. За најдобрите, односно за оние кои ќе ја претставуваат Македонија на интернационалните натпревари по информатика и програмирање, од страна на ФИНКИ, им се доделуваат стипендии за бесплатно студирање на факултетот, а Агенцијата за млади и спорт ги наградува со техничка опрема која ќе им помогне во нивната натамошна професионална надградба.

slika 15-portal mladi

Го промовиравме и веб-сајтот наменет за младите луѓе кој содржи информации за значајните културни настани и манифестации, за обуки, пракса и вработување за младите, студентски попусти но секако и опширни информации за проектите и активностите на Агенцијата за млади и спорт и другите институции. Во рамки на сајтот предвидена е можност младите луѓе да комуницираат со нашата институција, но и да ги достават своите идеи и предлози за активностите и работата на Агенцијата за млади и спорт.
mladi.ams.mk е дел од приоритетот младинско информирање од тековната Национална стратегија за млади, но и дел од напорите на Агенцијата за млади и спорт за редовно информирање на младите луѓе за информациите кои се важни за нив и нивно активно вклучување во активностите на АМС.

Она што е особено битно, во делот на младинската политика е усвојувањето на новата Национална стратегија за млади 2016-2025, која ја изготвивме во соработка и со поддршка на UNDP. Процесот започна на почетокот на 2015 година, во изработката беа вклучени сите заинтересирани страни, државни институции, младински и невладини организации, локалните младински совети во општините и верувам дека успеавме да креираме документ кој вистински ги отсликува состојбите во младинскиот сектор, но и ќе одговара на потребите и ставовите на младите луѓе. Станува збор за еден од ретките документи во Југоисточна Европа, по однос на вклученоста земајќи ги предвид и специфично изработените алатки на социјалните медиуми преку кои значителен број млади ги дадоа своите мислења и предлози. Во моментов работиме на изработката на двегодишниот Акциски план за спроведување на Стратегијата за 2016 и 2017 година, во кој се вклучени сите засегнати страни и верувам дека секоја институција во рамките на своите надлежности ќе преземе обврски за исполнување на активностите предвидени во Стратегијата, а секако во интерес на младите луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top