Во текот на еден работен ден, од психијатри на државен трошок, помош бараат околу 600 пациенти. Овие лекари имаат сѐ повеќе посети, велат и тие самите, а тоа го потврдува и статистиката. Од година на години расте и бројот на пациенти, кои повеќе не се срамат за проблем да побараат психијатриска помош, а значително расте и бројот на упати. Најчесто граѓаните бараат помош поради депресивна епизода, анксиозност или невротско растројство, анализира „Нова Македонија“.
Во последните пет месеци од 2013 година матичните доктори на психијатар упатиле 27.444 пациенти. Во овој период, покажуваат податоците на системот за евиденција и закажување во здравството „Мој термин“, издале 43.832 упати, што значи дека исти пациенти или биле повеќе пати поради контрола, или, пак, оделе за различни дијагнози. Една година подоцна биле издадени 175.722 упати за 73.675 пациенти.
Во 2015 година на психијатар на државна сметка отишле 5.142 пациенти повеќе или 78.817, а биле издадени 182.961 упати. Годинава, пак, до 23 март матичните напишале 47.546 упати за 32.082 пациенти.
Математиката покажува дека во 2014 година просечно дневно се издавале 675 упати, а на психијатар на државен трошок оделе 283 пациенти. Во 2015 дневно помош добивале 303 осигуреници, а просечно се издавале по 703 упати, додека годинава дневно помош од психијатар барале 583 пациенти, а дадени се 864 упати.
За разлика од развиени држави каде што на психотерапевт или на психијатар се оди за помош за да се решат и тековните животни предизвици, кај нас до неодамна за многумина беше срамота да се побара ваква помош. Пациентите коментираа „не сум луд да одам на психијатар“, несфаќајќи ја потребата од негова помош. Психијатрите сега велат дека граѓаните конечно се освестуваат дека не е срамота да се појде кај нив, дотолку повеќе, што често е доведено во прашање психичкото здравје.
Д-р Соња Невистиќ, психијатарка во Здравствен дом-Скопје вели дека расте бројот на пациенти што доаѓаат во ординација, што укажува на тоа дека се намалува стигматизацијата и луѓето веќе не се срамат да побараат психијатриска помош.
– До неодамна знаеја да искоментираат пациенти „леле и дотука ли стасав“. Сега сѐ повеќе од нив сфаќаат дека да појдат на психијатар е добро за нивното здравје – вели д-р Невестиќ.
Порчитајте ја целата сторија на „Нова Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.