| четврток, 6 декември 2018 |

Оперативна обработка „Ветар и магла“ прва акција на министерот Оливер Спасовски

Од првентивната акција на министерот, се збогати само неговиот фото албум на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, за партиското членство да аплаудира

Во воздух хеликоптери, на земја специјалци во борбена готовност и оклопни транспортери. Ова беше прва голема полициска акција откако Спасовски е министер за внатрешни работи. Оперативна обработка „Ветар и магла“, анализира телевизијата „Алфа“ за петочната акција која ја спроведе МВР во Арачиново и Липково.
Во липковскиот крај нема човек кој не раскажува за засилените полициски сили кои во петокот го чешлаа овој крај. Акцијата заврши, но остана стравот. Ако вчера министерот Спасовски тврдеше дека специјалци и хеликоптер кренал за да дејствува превентивно, тогаш превенцијата траеше помалку од едно деноноќие.
Четирите  пункта со припадници на ПЕП  и оклопни транспортери кои вчера беа распоредени на влезот од Брњарци, Арачиново, Грушино, Никуштак,  денеска никаде ги нема, како да биле само декор за министерот Оливер Спасовски да се слика со нив кога вчера одеше кон Матејче, вели „Алфа“.
Од сторијата на „Алфа“ се вели дека денеска на влезот од Никуштак, на местото каде вчера имаше полиција и борбено возило, локални жители продаваа компир, ориз и грав.
„Страв се уште имаше во нивните очи. Никој не може да ги убеди дека стотици полицајци дејствувале превентивно и затоа хеликоптерот летал над нивните глави. Неколку мажи во локалната чајџилница, ни посакаа добредојде. Не сакаа да зборуваат во камера, но си направиме муабет.
Пунктот со специјалци и хермелинот кој вчера беше на сред село си заминал неколку часа по заминувањето на министерот, ни рекоа. Во саботата рано утрото се повлекле и специјалците кој биле најбројни во околината на Матејче. Специјалците  биле на ниво на задачата, „луѓето си работеа, немавме никаква непријатност со нив“ раскажаа жителите. По повлекувањето на полицијата немаше никаков резултат, ниту уапсени, ниту некаква заплена, ниту претреси“ анализира телевизијата „Алфа“.
Од првентивната акција на министерот, се збогати само неговиот фото албум на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, за партиското членство да аплаудира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top