| четврток, 6 декември 2018 |

Англичаните направија нешто што никому не успеало до сега во Германија (видео)

england-germany-Vardy-260316

Берлин синоќа беше домаќин на англиската репрезентација, актуелниот светски шампион Германија уверено тргна кон нова победа на свој терен против вечниот ривал, но на крај Англичаните направија чудо…

Избраниците на Рој Хоџсон лошо стартуваа, не покажаа ништо посебно во првото полувреме, каде Германците доминираа и ја имаа контролата над играта. Првиот гол го постигна Тони Крос во 43. минута и со резултат 1-0 се отиде на пауза.

Домаќините го зголемија водството во 57. минута, откако по центаршутот на Сами Кедира од десната страна највисок во скокот беше Марио Гомеш, кој го постигна својот прв гол за „Панцирите“ уште од 2012 година кога играше на Европското првенство.

Сите помислија дека веќе е познат победникот на натпреварот, бидејќи Англичаните до тогаш не беа некаква посебна закана кон голот на Ноер. Сепак, ништо не е готово додека не се слушне последниот судиски свиреж. Само четири минути по вториот гол на домаќините, целосно се промени сликата на натпреварот. „Гордиот Албион“ прво успеа да намали на 2-1 и тоа преку извонредниот пробив и шут на Хари Кејн, еден од најдобрите играчи во Премиер лигата оваа сезона.

А во 74. минута беше направен најубавиот потег на мечот – од десната страна Натаниел Клајн упати центаршут кон Џејмс Варди, кој уште еднаш покажа дека е во животна форма и со пета го „прелажа“ Ноер и постигна фантастичен гол за израмнување од 2-2.

За целосниот пресврт заслужен беше Даер, кој по нафрлената топка од Хендерсон, беше највисок во скокот и Ноер повторно капитулираше, а Англичаните остварија голема победа.

Има и еден интересна работа важна за овој натпревар:

Ниту една репрезентација до сега во историјата на фудбалот не успеала да направи пресврт на резултатот кога имала негатива од два гола против Германците на нивни терен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top