| четврток, 6 декември 2018 |

Стојанов кошмар за Роналдо, Бугарите го изненадија фаворитот (видео)

ronaldo-portugal-250316

Фудбалската репрезентација на Португалија во пријателски натпревар на домашен терен загуби од Бугарија со резултат од 0-1.

Фаворизираните Португалци имаа многу повеќе удари кон голот на гостите, многу повеќе изведени корнери, на крај дури и пенал… Но, сепак мрежата на Бугарите остана мирна благодарение на расположениот голман на гостите, Стојанов кој одбрани буквално сѐ.

Единствениот гол на средбата го постигна Бразилецот со бугарски пасош, Марселињо во 19.минута.

Во 66. минута, откако еден од бугарските репрезентативци играше со рака во шеснаесетникот, беше досуден пенал за домаќините. Кристијано Роналдо го изведе ударот, но Стојанов едноставно беше несовладлив на натпреварот.

Инаку, ова е втор пат како Стојанов му брани пенал на Роналдо. Пред година и пол во дресот на Лудогорец, во натпревар од Лигата на Шампиони против Реал Мадрид, бугарскиот голман остана несовладан од белата точка по шутот на португалската ѕвезда.

Роналдо имаше уште една шанса да постигне гол со глава за израмнување на резултатот, но повторно „играчот на натпреварот“ владееше меѓу стативите и Португалците мораа да се помират со неочекуваниот пораз.

Бугарија во вторник гостува на „Филип Втори“ во Скопје каде ќе одигра контролен натпревар со нашата репрезентација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top