Како што претходно објавивме на почетокот на месец април, стартува вториот дел од сезоната на Вардар Јуниор лигата. „Црвено-црното“ семејство ја прошири лигата со неколку нови единици, па на досегашните осум, се придружија и екипи од Прилеп, Пробиштип и Велес.
Тони Наумоски, тренерот на децата од Прилеп, задоволен од преговорите потенцираше дека најдобро од сè е тоа што децата ќе добијат повеќе натпревари и поголема можност за напредување.
– Најбитно е тоа што нашите дечиња ќе ги почувствуваат придобивките од оваа соработка. Вардар е големо име во нашата држава и со тоа што ќе се натпреваруваме во Јуниор лигата, децата имаат поголем мотив за борба и за напредување. Поголемиот број на натпревари кај овие генерации е многу битен момент и сметам дека со оваа соработка ќе овозможиме тие да се надградуваат – изјави Наумоски.
Во новите единици се најде и Борец од Велес. За оваа соработка тренерот Драган Здравковски изјави дека максимално го подржуваат проектот и дека големо е задоволството што во иднина ќе бидат дел од него.
– Големо е задоволството да се биде од Вардар Јуниор лигата. Ова е наша прилика да бидеме дел од проект кој во иднина многу ветува. Со самото тоа што децата ќе имаат повеќе натпревари, ќе биде подобро за нивно развивање. И не само тие, овој проект е добар и за тренерите, бидејќи се вклучени голем број на семинари за обука. Тука се и летните кампови, кои исто така нудат можност за дечињата да се развијат, да се дружат, едноставно да созреат. Ние веќе ги запознавме децата со овој проект и тие едвај чекаат да почнат натпреварите, бидејќи таму ќе можат да се докажат и да ја зголемат нивната лична афирмација – потенцираше Здравковски.
Последната единица која се приклучува во овој пролетен дел е од Пробиштип. Ивица Глигоровски, тренерот на овие дечиња, истакна дека има позитивно мислење за оваа соработка и смета дека ваков проект е од голема важност за нивниот регион.
– Ние за прв пат почнуваме соработка со Вардар, а од тоа што го гледав досега и од тоа што го слушав од тренерите кои веќе се натпреваруваат, можам да извлечам само позитивно мислење. Овој проект е многу битен за нашиот регион, бидејќи самите натпревари се со повисок квалитет, а дечињата ќе можат да напредуваат. Ние работиме во интерес на нив и од таа причина ја почнуваме соработката, со цел да им овозможиме поголем број на натпреварувања и можност за напредок. Сепак Вардар е бренд и исто така најтрофеен клуб, а тоа придонесува борбата и талентот на децата да биде истакнат во Јуниор лигата – истакна Глигоровски.
Се бројат деновите пред стартот на Вардар Јуниот лигата. Наредниот викенд, односно на 2 и 3 aприл, со премиерен турнир кој ќе се одржи во Скопје ќе почнат натпреварувањата. Во склоп на овој турнир ќе се оддржи и семинар, со кој ќе се презентираат насоките за тренерите. Желбата на нашиот клуб е една, а тоа е најдобрите меѓу овие дечиња во иднина да бидат регрутирани во соодветните возрасни категории.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.