Актери, режисери, театартолози, директори на национални установи, беа гости на денешната прослава на 26. родеден на најубавиот театар, Театарот за деца и младинци (ТДМ).
Пред 26 години во Универзалната сала во Скопје беше изведена претставата „Силјан Штркот“ пред две илјади деца, а три години подоцна ТДМ доби свој простор, на улицата „Теодосиј Гологанов“ каде што е и денес, во центарот на Скопје.
Генерации деца израснаа со прекрасните претстави „Македонска приказна“, „Бескрајни соништа“, „Цветната улица“, „Волшебникот од Оз“, „Рекламна бајка“, „Лакомата Меца“, „Грдото пајче“, „Малата сирена“, „Дванесетте месеци“…
Директорот на ТДМ Братислав Димитров рече дека прославата на роденденот е убав повод за средба и за оддавање почит на сите претходни генерации, кои, како што рече, својата фантазија и дарба ги вградиле во темелите на овој театар.
– Ова е најважното место на светот, тука децата ја учат основната разлика меѓу доброто и злото, ја развиваат својата фантазија, стануваат интерактивни со сцената и го развиваат својот социјален аспект по секоја претстава – изјави Димитров.
На роденденот на ТДМ присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која им се заблагодари на сите актери и вработени во институцијата што се вложиле во нејзиниот развој.
– Театарот за деца и младинци е двигател на културниот живот во Македонија, кој има придонес и во едукација на младата популација. Се сеќаваме на многу претстави, како „Девојчето со кибритчињата“, „Петар Пан“, „Македонска приказна“, „Могли“ и многу други. Посебно ми е драго што со овој настан им се оддава почит на генерациите што растеа и живееја со овој театар. Министерството за култура дава силна поддршка на ТДМ, издвоивме средства за реконструкција на оваа значајна институција, доделена и е опрема за сценската технологија, се подобрија условите, а имаше и голем број вработувања на актери, драматурзи и режисери – изјави Канческа-Милевска.
Преку инсерти од некои од вкупно 59 премиери колку што се поставени на сцената на ТДМ, беше прикажан развојот во изминатите 26 години во кои театарот имал повеќе од 300.000 посетители.
– Најважните луѓе во оваа наша уметност се децата. Децата што ќе ги испуштиме на оваа возраст, кога овде ги собира Театарот за деца и младинци, повеќе никогаш нема да можеме да ги вратиме во гледалиштето. За да можеме да успееме да ги собереме и додржиме, мора да сме точно вакви каков што е овој театар – динамични, интелигентни, креативни до немајкаде, ангажирани и фанатични, рече театрологот проф. Јелена Лужина, која се осврна на историјатот на овој театар.
Театарот за деца и младинци прв по осамостојувањето на Македонија успешно излезе надвор од границите и се врати со награда – за претставата „Зрното грашок и принцезата“. Таа до денес е одиграна 261 пат и е најизведуваната претстава во историјата на овој театар. Најтрофејната претстава на ТДМ и втора по број на изведби (151 до сега) е „Македонска приказна“.
ТДМ ја подготвува 60. премиера, а оваа година со поддршка на Министерството ќе има четири премиери. Театарот е носител и на голем број меѓународни награди. Неодамна се врати од фестивал во Измир, а има покани од Германија, Романија и Бугарија. Екипа од ТДМ работи на меѓународен проект финансиран со грант на ЕУ, во кој се вклучени и Словенија, Србија и Норвешка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.