Водени од мислата дека децата се нашето најголемо богатство и дека на нив им припаѓа иднината, ФК Вардар и претстојнава пролет ќе биде максимално посветен на фудбалскиот развој кај младите таленти, кои вредно тренираат во нашите младински категории, ширум државата.
Нашиот клуб најголемите успеси низ историјата ги постигнуваше „потпирајќи“ се на сопствениот тренерски и играчки кадар. Вардаровата младинско-пионерска школа именувана по легендарниот Кирил Симоновски – Џина, отсекогаш била вистински „расадник“ на големи таленти. За тоа сведочат и бројните трофеи освоени во младинските конкуренции, како на македонската, така и на екс-југословенската сцена.
Традицијата дресот со светите „црвено-црни“ бои на најтрофејниот домашен фудбалски колектив, да го носат најдобрите македонски фудбалери од територијата на целата татковина, успешно се негува децении наназад. За тоа говори и фактот дека од внатрешноста на Македонија во Вардар настапувале докажани фудбалски имиња како Петар Шулинчевски, Андон Дончевски, Тони Савевски, Васил Рингов, Илија Најдоски, Вујадин Станојковиќ и многу други.
Со цел традицијата да биде преточена во иднина, ФК Вардар во развојната програма имплементираше план и програма за работа со млади фудбалери. Покрај инвестициите во инфраструктурата, како што е изградбата на Фудбалската академија во Градскиот парк, новитет е соработката и организацијата на систем на натпреварување со регионалните единици ширум Македонија. Примарната цел на Вардар Јуниор лигата е нашиот клуб како македонски фудбалски бренд да биде подостапен за сите таленти низ целата Република.
Покрај досегашните осум регионални единици од Штип, Охрид, Куманово, Виница, Ресен, Валандово и две од Скопје, придобивките од овој проект ги препознаа уште три младински школи од Прилеп, Велес и Пробиштип, кои ќе бидат приклучени во пролетната полусезона. Целта е проектот “Вардар Јуниор лига” да биде застапен на територијата на цела Македонија, да се следат сите таленти и нивниот развој, дечињата да знаат дека будно ќе бидат следени од нашите луѓе задолжени за тоа и дека секој нивен напор и квалитет нема да остане незабележан.
– Многу ни е драго тоа што кон нашата Јуниор лига ќе приклучиме три нови екипи од познатите фудбалски центри Прилеп, Велес и Пробиштип, од каде што традиционално потекнуваат голем број на млади и перспективни играчи. Се надеваме дека и ФК Вардар ќе има бенефит и во нашите редови ќе селектираме некои од момчињата кои тренираат во овие школи. Воедно, ние како клуб ќе организираме и семинар на кој ќе бидат повикани сите тренери од регионалните единици. На овој семинар, на тренерите ќе им се достави програма според која ќе го извршуваат редовниот тренажен процес во наредниот период – изјави координаторот на Јуниор лигата, Павел Неделковски.
Пролетната полусезона во Вардар Јуниор лигата стартува на 2 и 3 април, со премиерниот турнир кој ќе биде одржан во Скопје, во рамките на кој ќе биде организиран и тренерскиот семинар. ФК Вардар на сите дечиња кои тренираат во регионалните единици им посакува успешна пролет на фудбалските терени. Најдобрите меѓу нив, како што тоа беше случај и досега, ќе бидат селектирани да ги бранат боите на нашите екипи во соодветните возрасни категории.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.