Канадската авторка Маргарет Етвуд е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, соопшти денеска раководството на поетскиот фестивал.
Етвуд е родена во 1939 во Отава. Таа е романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка. Нејзиното пишување, главно, се занимава со прашањата на феминизмот, кој таа го истражува низ различни жанрови. Позната е по своите романи, но еднакво е успешна и во поезијата. Во нејзиниот опус се вбројуваат и голем број збирки кратки раскази и книги за деца. Добитник е на највисоките книжевни награди во Канада, носителка е на францускиот орден Легија на честа. Во 2000 година ја доби Букеровата награда за романот „Слеп убиец“.
„Златниот венец“ на Етвуд ќе ѝ биде врачен на годинашното, 55. издание на поетскиот фестивал, кој традиционално се одржува на крајот на август во Струга. Од 1966 година, откога СВП доделува „Златен венец“, Етвуд е трета поетеса што ја добива наградата. Претходни жени лауреати на признанието беа Десанка Максимовиќ во 1988 и Нанси Морехон во 2006 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.