| четврток, 6 декември 2018 |

Први корисници на проектот „Купи куќа за млади“

Двајца граѓани од кои едниот од скопската општина Кисела Вода и другиот од Свети Николе се првите корисници на бенефитите од проектот „Купи куќа за млади, соопшти вечерва вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на Отчетот за сработеното во изминатите 10 години.

Тој потсети дека младите може да користат два модела за да дојдат до финансиски средства за да го решат станбеното прашање.

– Првиот модел предвидува исплаќање на субвенции на месечната рата во период од 11 години. Првите осум години Владата субвенционира 80 проценти од средствата, а во следните три години 50 проценти од ратата. Субвенциите важат за кредитите до максимален износ од 50.000 евра. Вториот модел предвидува исплаќање на субвенција во висина од 100 проценти од средства за учество во кредитот за стекнување со куќа, а понатаму кредитот младиот човек сам ќе си го исплаќа. Оваа субвенција може да достигне сума до 12.500 евра доколку се користи кредит од 50.000 евра, појасни вицепремиерот Ставрески.

Тој додаде дека со цел граѓаните да бидат информирани за овој проект организирани се каравани низ државата кои досега имаат посетено 17 општини.

Ставрески нагласи дека одлични резултати дава и проектот „Купи куќа, купи стан“ чии бенефити во последните две години ги имаат искористени 600 граѓани и одобрени се станбени кредити во висина од 21 милиони евра.

– Вкупно во овие 3,5 години откако се реализира проектот, 820 граѓани го решија своето станбено прашање и одобрени се 28 милиони евра станбени кредити, истакна Ставрески, додавајќи дека бенефит од проектот е и тоа што се намалени каматните стапки и цената на станбениот кредит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top