„Фото синтеза“, со поднаслов „Под небо на бамји“, е вториот роман на Игор Анѓелков што како 15. книга од домашен автор се појави во едицијата „Проза“ на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје. Ова е втор роман на Анѓелков, кој доаѓа по тригодишна пауза од „Крај – пат“, кој беше одлично прифатен од публиката .
И во „Фото синтеза“ доминираат урбани приказни, кои се случуваат во последниве петнаесетина години во Скопје, приказни од тротоарот и стории што стилски, бидејќи ги пишува ист човек, имаат заедничка нишка.

„Фото синтеза“ е роман за урбаното Скопје. Претпоставувам дека твоето урбано Скопје и ова сега немаат многу допирни точки?
Анѓелков: Мое Скопје е и ова денешново, во кое живеам, какво и да е, но најмногу мое Скопје е тоа од 90-тите години на минатиот век, кога се живееше слободно и нестварно. Иако на Балканот беснееше војна, Скопје беше слободно како птица, а токму во таа декада беа годините во кои созревав како личност. Неминовноста на секоја урбана средина е да се менува, а тоа се случува и со нашето Скопје, кое добива сосема нова димензија без да биде прашано. Сепак, во мојот роман „Фото синтеза“, во кој главниот лик Панк се занимава со фотографија, се раскажува за скриените катчиња на градот покрај кои секојдневно поминуваме, но не ги забележуваме, или ги забележуваме, но не им придаваме значење. Токму тие парчиња град се неговата душа, која никогаш не може да биде одземена и украдена.
Во третата книга дејството се случува во Скопје. Велиш дека овој роман е посвета на Скопје, и во многу од локациите и во ликовите што се во книгата, луѓето што искрено го љубат, вистинските скопјани ќе се препознаат во нив. Останаа ли вистински луѓе да се препознаат или заминаа од Скопје?

Анѓелков: Скопје отсекогаш го краселе одлични поединци со фантастична креативна енергија, која, за жал, и покрај колективното минато во кое живеевме, не успеа да ги научи да дејствуваат заеднички и покрај својата автентична индивидуалност. Во Скопје отсекогаш се зборувало за сцена (музичка, ликовна, авангардна…), но ми се чини дека никогаш таа не била компактна и препознатлива, туку неорганизирана и стихијна. За жал, дел од овие креативци веќе не се меѓу нас, дел одамна заминаа во белиот свет, каде што не знам дали воопшто ќе можат да испливаат на површина, а тие што останаа, мораат со своето дејствување да му дадат печат на овој град бидејќи во ништо друго не гледам смисла, освен во таквиот начин на дејствување. Политиката се заканува дека сосема ќе нѐ разобличи, а тоа не смееме да го дозволиме.
„Фото синтеза“, твојот втор роман носи поднаслов „Под небо во боја на бамји“. Сакаш бамји? Нивниот вкус во турл- тава или, пак, во посна манџа?
Анѓелков: Не ги јадам често, но го сакам нивниот вкус, кој е автентичен и несекојдневен, било во турли-тава, било во посна манџа. Инаку бамјите, карактеристични за ова поднебје, претставуваат одлична симболика, која суптилно ја провлекувам низ приказната, а нивната боја често знае да биде и бојата на небото над нас, кое колку ослободува, толку знае и да надвиснува над нашите глави.
Со години си уредник на емисијата „Филмополис“ на „Телма“, потоа уредник на популарната едиција „Проаза“, татко си на Бисера… Кога стигнуваш да пишуваш?
Анѓелков: Кога некоја приказна одредено време те прогонува, мораш да најдеш време да седнеш и да ја ставиш на хартија, доцна во ноќта, кога главата ти тежи од умор, или рано изутрина, откако си ја отсонувал следната сцена, која треба да ја опишеш во книгата. Мислам дека немањето време е само банален изговор за мрзливоста, но мора да се земе предвид дека јас го работам тоа што го сакам, или го сакам тоа што го работам и во тој случај, сѐ е лесно како песна.

Што музика слушаш кога пишуваш?
Анѓелков: Радиото е мојата прва медиумска љубов, седум години бев дел од екипата на музичкото радио „Канал 103“, а шест во радио „Равел“, така што музиката е составен дел од моето секојдневие и се радувам на секоја нова купена плоча (винил, ЛП). Со мојот прв роман „Крај-пат“ подарував и компилација со музика, откако претходно, со збирката раскази на читателите им подарував значки, а со „Фото синтеза“ традицијата продолжи со фотографија. Враќајќи се на одговорот на прашањето, би рекол дека зависи од тоа на кое место ја пишувам книгата. Иако тоа е најчесто дома, сепак не секогаш пуштам музика да ги следи моите мисли бидејќи и звуците што ги дава урбаната средина можат да бидат прилично инспиративни, особено кога пишувате урбани приказни.
Задоволен ли си како помина „Или-или“ на годинашниот Саем на книгата?

Анѓелков: „Или-или“ оваа година слави десет години од своето постоење и на читателите на Саемот на книга им понуди девет нови наслови. Публиката што ја градиме во текот на годините е таа, вистинската, бидејќи книгите што им ги подаруваме се преведени од оригиналните јазици, со регулирани авторски права, и по нивното читање, уште долго ве прогонуваат и имате потреба да зборувате и да дискутирате за нив. На Саемот на книгата поминавме вообичаено бидејќи знаеме во какво време живееме, но задоволни сме од нашите настап и понуда, кои се надевам дека ќе бидат препознаени и поддржани како од постојаните, така и од новите читатели на „Или-или“.
Што читаш? Кои се твоите омилени автори?
Анѓелков: Го сакам Франц Кафка, го читам Пол Остер, а во последно време го откривам Жозе Сарамаго. Листата е долга, па затоа овие три автори можеби се доволна провокација за крај на ова убаво интервју.
Пишува: Александра Мазнева-Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Промоција на книгата „Уште музика и муабети“ од Ненад Георгиевски
-
Промоција на книгата „Исповедта на сликарот“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска
-
Финскиот писател Рику Корхонен гостува во Скопје


