| четврток, 6 декември 2018 |

Фетел удри по новиот систем квалификации: Никој не е изненаден, ова е за никаде

Денешните квалификации за пол-позицијата во Австралија воедно беа и официјален почеток на експериментот на новиот квалификациски формат. Гласно критикувани уште пред да бидат воведени, новите квалификации денеска беа едногласно оценети како фијаско, од навивачите, шефовите на Ф-1 тимовите и секако, од возачите.

– Квалификациите беа за никаде, но не гледам како тоа може да биде изненадување за некого. Рековме дека ќе биде вака, дека нема да биде поинтересно од претходно, туку напротив, многу поздодевно. Прашајте ги луѓето од трибините, како се чувствуваа кога на крајот од квалификациите речиси и да немаше болиди за да ги гледаат. Возбудата е кога во последниот круг, кога патеката е најдобра, да се најдат повеќе возачи што би се бореле за највисок пласман, сега тоа изостана. Ни рекоа да почекаме, да видиме како ќе се одвиваат работите, уште денеска се виде дека тоа е погрешен потег, нешто на што предупредивме – најгласен беше поранешниот Ф-1 шампион Себастијан Фетел.

Германецот го освои третото место, зад тандемот на Мерцедес, Хамилтон – Розберг, и очекува жестока битка на утрешната трка.

– Мерцедес беше многу побрз во квалификациите, но мислам дека таа разлика ќе биде значително помала за време на трката. Подготвен сум за битка и сакам уште од првата трка од новата сезона сериозно да атакувам на победата – порача Фетел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top