| четврток, 6 декември 2018 |

На избори со партиски вработувања

Кој вели дека СДСМ нема програма за избори и со небулозни дејства го затскрива недостигот од неа? Не е точно, СДСМ има програма. Напишана е пред точно шест години и тоа лично од актуелниот лидер. Таа 2010 година Заев се отвори и во трескав творечки немир, примерен за струмички градоначалник полн со идеи, напиша куса, но ефектна програма. Настрана богата со решенија. Буквално, „решенија“ за вработување на своите невработени сопартијци

Шест години потоа, најдоследни спроведувачи на програмата стара шест години, составена во Валандово, и тоа лично од лидерот Заев, се техничките министри Спасовски и Ременски. Ако ве чудеше и ден-денес ве чуди нивниот избор и зошто социјалдемократите би ставиле на најизвиканите позиции еден тивок кумановец, кој не е посебен по ништо, и една кривопаланчанка со длабоки корени во СМК и во ВМРО-ДПМНЕ, одговорот станува појасен со секој изминат ден. Послушни се максимално, факт докажан во партијата. Но такви во СДСМ има тони, велат други. Точно, има, но вакви вљубеници во ликот и во делото на лидерот Заев немало.На конкурсот за технички министер во СДСМ, на кој пресудно било идолопоклонството кон лидерот, двајцата добиле чиста десетка. Наизуст ги знаеле сите негови мисли, со особен акцент и почит кон валандовското откровение, каде што Заев се спозна самиот себеси, трасирајќи си го успешниот пат кон врвот на партијата и дното на политичките дејствувања во Македонија.

Ним, очигледно, кажаното во минатото од омилениот претседател им е на ниво на партиска Библија. По малку и смешно, ако имате предвид дека самиот тој се дрзна, објаснувајќи ги патиштата Божји, јавно да се декларира како црпнат спасител од Муртино?! А, можеби, ова има некаква чудна оправданост во напати апсурдната техничко-министерска логика. Повеќе техничка грешка од логика, нели…

 

Генезата на словото за „Заев наш“ на Ременски и на Спасовски

Зоран Заев, тогаш само градоначалник и в.д. претседател на партијата, себеспознавањето го доживеа во Валандово во 2010 година. Таму, очигледно, идниот неприкосновен лидер на говорница спонтано ја создал сегашната изборна програма на СДСМ. Поведен од еуфоријата поттикната од аболицијата од тогашниот челник Црвеновски, стара две години, со која папата му даде прошка за осумте милиони евра од мегааферата „Глобал“, Заев на самото место скрои матрица, според која, цели шест години потоа, ќе дејствува неговата партија. Очигледно, тој не е само спасител, туку во него има и атавизми од некој библиски пророк, поверојатно некоја друга муртинска жичка. Тогаш сите ја толкуваа како богохулна и контроверзна изјавата во која тој опиша како ќе тече кастрењето на јавната администрација и вработување на нивните партијци со најпознатата сентенција „живи луѓе има да јадеме по тоа“.

Како што се чини, дојде време да се смени погрешното јавно мнение за мислата на Заев и да се пофали визионерството што тој го прокламирал толку години наназад. По цели шест години, првиот социјалдемократ „знаел“ што и како ќе прават неговите технички министри. До збор. Незаборавни се антологиските зборови на Заев, кои остануваат врежани во срцата на неговите партијци:
„Ако почитувани социјалдемократи, пред сѐ, ве прашаат што со пренатрупаната државна администрација од страна на ВМРО-ДПМНЕ – да им кажете дека Заев беше во Валандово и рече дека ги бркаме, ќе ги избркаме од работа и тоа да го знаат, Ако сакаме да бидеме на власт ќе влеземе тимски, односно од хигиеничар до министер, во секој ресор во државата. Велат вие сте меки луѓе, вие заборавате, велат ќе одмине времето и ќе бидете пак исти, ве знаеме – да им кажете, исто така, беше Заев, апсениот Заев, живи луѓе има да јадеме по тоа!“

Толку гнев, а тогаш беше апсен само за „Глобал“. Можете да замислите, доколку сака и најде време каква програма би можел сега да напише лидерот обвинет во уште два нови случаја и по цела година пукање петардоидни „бомби“. Ако првата и сегашна е позната како канибалистичка, каква би била новата творба на напатениот челник? Е, тоа би била програма…

 

analiza184-4

Ременски го победи Спасов

Во меѓувреме, техничките министри на СДСМ се во жесток дуел и борба кој подобро ќе го отелотвори кажаното од врховниот сдсмовец. Изминатиот период Спасовски и Ременски често беа рамо до рамо во исполнувањето на претскажаното од лидерот и во полнењето на неговата душа, но мора да има победник.

На самиот почеток во благо водство беше Спасовки, кој уште првиот ден ги разреши сите во МВР. Ременски падна во очај од тага, но се покажа дека Спасовски ја претерал и мораше да ги врати сите ингеренции со кои, буквално, ја блокираше и замрзна безбедноста на целата држава. Ременски се смири и тргна во контранапад умилкувајќи му се на лидерот со смена на сите можни директори. Најголема слабост ѝ беше бркањето на првите луѓе на Домовите за доенчиња. За да насмевката на лидеровото лице да биде поширока, а маката на конкурентот Спасовски поголема, на сите места за директори намести најизвикани сдсмовци. Ескградоначалничките кандидати, како Кец, ѝ беа омилена целна група. Спасовски, пак, набргу се освести и возврати со кец на десетка – го унапреди за седум скалила токму нејзиниот сопруг. Заедно со десетина партиски војници. Шокот и неверувањето на лицето на Ременски остана долго време. Не очекуваше дека Спасовки, навистина, може да ѝ го направи тоа. Па сопругот ли? Се чудеше и цела Македонија и никому не му беше јасно со кој памет Спасовски го направи тоа, но никој не знаеше што стои зад играта. Тој ликуваше уште некое време, смени уште едно чудо професионалци и намести дузина заслужни партијци, но Ременски ковеше стратегија за потегот што и ја донесе победата во битката. Војната меѓу нив за најсакано чедо од лидерот продолжува со несмалено темпо, но сега-засега Ременски е неприкосновен победник.

Со еден потег, кој не би го очекувал, ниту би го направил некој, макар бил и технички министер во битка со својот конкурентски партиец за вниманието на лидерот, таа избрка 44 хигиеничари и со еден удар вдоми 35 партијци?!

Верувале или не, но Ременски за измислена мака на Спасовски и реална трагедија на 44 вредни работници во тешка економска ситуација, ја преслика во живо старата идеја на лидерот. Помните, тој пророчки рече во Валандово во 2010 година: „Ако сакаме да бидеме на власт ќе влеземе тимски, односно од хигиеничар до министер…“ Истовремено, Ременски ја оствари идејата на Заев. Целосно – таа министерка „влезе“ и тимски избрка 44 хигиеничари. Речено-сторено. Настрана што цели 44 семејства, претежно ромски, останаа без егзистенција. Тоа не е битно, битно е што се вдомија 35 социјалдемокрастки семејства. При преговорите со отпуштените, пак, таа им понудила на избрканите да вработи само 15. Толку сдсмовски. И овде традицијата го прави своето. Се сеќавате на „Маѓар телеком“ и пренесената преписка на фирмата и на владата на СДСМ? Во 2005 година се избркани 1.250 луѓе од телекомот, а за возврат СДСМ на секои тројца избркани добил можност да вработи по еден свој партиец. Математиката со избрканите хигиеничари од „Винојуг“ е слична. За 44 избркани Ременски на преговарачот Пакетов му понудила вработување за 15 луѓе?! За партијата и за нивните извикани технички чеда, тие со обична, црвена крв и натаму имаат речиси иста споредбена вредност со тие со сина. Три наспрема еден. Класика…

 

Спасовки го возвраќа ударот

По нокдаунот од Ременски, кој го доби со бркањето на 44 хигиеничари, Спасовски се обиде да заигра на емоциите на лидерот и да му се доближи преку најблиските. Со кого политичарот од калибар на Заев минува најмногу време? Со семејството сигурно не, особено што најголемиот дел од годината го преспа во Скопје во тврдината „Форт нокс“ лоцирана на „Павел Шатев“, здание посигурно и од СЈО и од сите институции во Македонија. Истото тоа од кое протекоа најмалку 70 илјади разговори за Чаушот. Да, веројатно Заев најмногу време поминува со своите телохранители. Добро запознаен со овој факт, техничкиот прв полицаец се обиде да го омилостиви лидерот со едно помпезно и наменско унапредување. Ни помалку, ни повеќе, Спасовски за цели шест скалила го унапреди таткото на телохранителот на Заев. Чин со кој алудираше на благонаклоноста на врховниот челник, особено по силниот удар што му го нанесе Ременски со отпуштањето на хигиеничарите, со кои ја врати насмевката на заедничкиот идол. Потегот е уште посилен поради фактот што се работи за унапредување во позиција на помошник на началникот на СВР Струмица, родниот град на лидерот, каде што е и градоначалник. Удар „под пазуви“ за Ременски, но таа, сепак, сега-засега го држи пиедесталот со смената на хигиеничарите со партиски послушници.

Логичното прашање што се поставува е дали со овие налудничави потези на отпуштање луѓе од домови за доенчиња и хигиеничари од прифатни центри, СДСМ покажува дека се плаши дека и сопственото членство нема да излезе да гласа, па техничките министри го кршат законот, заработуваат кривични, се оглушуваат на судски решенија ризикувајќи и казна од 10 години затвор само и само за барем да ги задржат сопствените гласачи? Неопределените, на кои, демек, типуваат, со ова, сигурно, нема да ги придобијат бидејќи директно покажуваат како (веројатно помножено со 10 или со 100) би изгледало нивното реваншистичко и партизирачко владеење. Ако вака работат технички министри во влада на ВМРО-ДПМНЕ, макар ја исполнувале „програмата“ на лидерот, како би функционирале веродостојни министри во влада раководена од СДСМ? Токму неопределените преферираат овој хорор-филм да остане негледан. Некаде во некој фајл во компјутерот, веднаш до тој со комедии насловен како „Програмата на СДСМ“ и десно од оној „Заев СДСМ“, нели…

 

analiza184-2

Вработувањата во „програмата“ на СДСМ

Силната желба за вработување на сопствените партијци стана замена за ненапишаната програма на партијата. Програма е именка од женски род. Празникот на жената, пак, покажа дека, некој таму, има очигледен проблем со женскиот род. Иако имаат потпретседателка. Но и таа сакала да си замине и да живее во Белград. Јахтата, дефинитивно, може да ја вози по Дунав, но можеби ќе ја премислат тамошните кирии… Проблемот на СДСМ со жените излезе на виделина токму на 8 Март. Прво, Зоран Заев преку партиско соопштение им го честиташе празникот на трудот. „Во име на социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во мое име ви го честитам 8 Март, меѓународниот ден на трудот, на сите вас: мајки, сопруги, работнички, земјоделки, административки, професорки, новинарки, лекарки, правнички, невработени и вработени жени…“ Потоа, истиот ден на маршот на жената во Струмица истиот тој Заев изјави:

analiza184-3„Сакам да испратам порака, со поривот во вашите срца да се борите, не за СДСМ, туку за Македонија… Во наредните месеци, во борба за подобра Македонија сме вградени сите!“ пренесоа медиумите. Рече, но не преведе што сакаше да каже. Стара е шегата што вели дека кога ќе се изнервира, никој не го разбира лидерот, поради тоа што зборува на струмички дијалект. Но ова не беше струмички, поверојатно некој заевистички дијалект. Првиот случај налага вработување на контролор во центарот за комуникации на СДСМ, кој ќе ги прегледува текстовите подготвени за објавување. Еве место за лектор во тимот на Заев. Во вториот случај ниту лектор не помага. Случајот налага порадикални мерки, т.е. вработување специјален „преведувач“ на кој лидерот ќе му објасни што сака да каже, за овој потоа да му ја состави реченицата за да сите го разберат, без непотребни, смешни зборови. Второ работно место во СДСМ. Ова би биле и „сите“ вработувањата во програмата скроена од лидерот, освен тие што ќе произлезат од бркање администрација и вработување членство. Две вработувања. За нивна жал, јадењето живи луѓе не може да се сведе во опис на работно место…

 

Aleksandar-Pandov-300Пандов: Дај му на човека власт за да му го видиш паметот

Ако нешто е константа во однесувањето на СДСМ и на Заев, тоа е омразата што извира од нивното говорење и однесување, вели аналитичарот Александар Пандов, кој потврдува дека кажаното „ќе јадеме живи луѓе“ го видовме во практика најконкретно преку практикувањето на власт на нивните технички министри.

ПАНДОВ: Доживувајќи ги министерствата како освоени пашалаци, секојдневно сме информирани како надвор од кој било закон одредени партиски послушници и подлизурковци се унапредувани по неколку скалила, а непотизмот се подразбира. Притоа долгогодишни професионалци се деградираат. Вработените се изложени на мобинг, постојани закани за бркање од работа или нивно деградирање и секојдневен стрес. Како капак на сѐ е и информацијата од пред неколку дена дека 40-ина социјални случаи што биле вработени во кампот „Винојуг“ се избркани од работа за на нивно место да вработат кадри на СДСМ. Ако само се потсетиме дека техничките министри се со мандат да помогнат во спроведување на изборите и ништо повеќе, човек може само да си замисли што би правеле кога би победиле на избори и имаат полни овластувања. Мене ми е многу тешко да им ја сфатам логиката на ваквото однесување, но народот во вакви ситуации секогаш ја користи поговорката „дај му на човек власт, за да му го видиш паметот“. Секако и понатаму и Катица „специјалната“ останува главна ѕвезда на социјалдемократското небо. Додуша, кога се во прашање Заев и Верушевски и случајот „Пуч“ во наредните неколку месеци ќе биде зафатена со домашни и верски обврски, ама затоа кога е ВМРО во прашање и понатаму ќе даде сѐ од себе за да испродуцира случај со кој повторно би можела да излезе и читајќи да прозива, без врска и никаква основа, партиски фунционери оцрнувајќи ги во јавноста преку Соросовите платеници и нивните медиуми.

И покрај тоа што сме на три месеци пред избори и понатаму, а цврсто верувам и до самите избори и по нив, народот од Заев и од СДСМ слуша само негативна кампања и ниту збор за тоа што планираат ако евентуално добијат власт. На крај народот ќе им биде виновен што по десети пат по ред ќе загубат на избори…

 

Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 184. број на неделникот „Република“, 11.03.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top