По Спарта Прага, Виљареал и Атлетик Билбао, пласман меѓу осумте најдобри во Лига на Европа обезбедија и Ливерпул, Борусија Дортмунд, Брага, Шахтјор и Севиља. Ждрепката за 1/4-финалните двојки е утре во 13 часот.
Во дербито на вечерта, Ливерпул успеа да ја сочува предноста од првиот натпревар против Манчестер Јунајтед (2-0) и по вечерашното реми од 1-1 на „Олд Трафорд“, се пласираше во 1/4-финалето.
Во крајно возбудлив натпревар, „црвените ѓаволи“ одлично ја отворија играта, имаа неколку шанси преку Лингард, Марсијал и Мата, но Мињол остана несовладан.
Сепак, по 30 минути игра, домаќинот поведе од белата точка. По одличниот пробив на Марсијал по левата страна во шеснаесетникот, Клајн во обид да му ја избие топката го собори Французинот, по што беше досуден пенал. Самиот Марсијал го изведе пеналот за водство од 1-0.
Ливерпул се разигра по примениот гол. Стариџ за малку не беше прецизен од слободен удар, а потоа капитенот Хендерсон пропушти стопроцентна шанса. Кога изгледаше дека на полувреме Јунајтед ќе замине со еден гол предност, Кутињо со извонреден потег, откако го помина Варела, од тежок агол го совлада Де Геа и го стиша „Олд Трафорд“.
Примениот гол целосно ја измести играта на Јунајтед во второто полувреме, бидејќи притисокот беше огромен – сега веќе требаше да постигнат уште три гола за пласман во 1/4-финалето. Не се предаваа, напаѓаа со сите сили, но тешко доаѓаа до посериозни шанси.
Ливерпул со вкупен резултат од 3-1 обезбеди пласман во 1/4-финалето.
Во останатите натпревари, Борусија Дортмунд уште еднаш беше подобарод Тотенхем. После победата од 3-0 во Дортмунд, „милионерите“ и во гости славеа, овојпат со 2-1. Обамејанг со извонреден гол од 30-тина метри му донесе предност на својот тим, а во 71. минута повторно реализираше за 2-0. Почесниот погодок за домашната екипа го постигна Сон во 74. минута. Дортмунд обезбеди 1/4-финале со вкупни 5-1.
Актуелниот шампион Севиља продолжува со одличната игра во Лига на Европа. Без поголеми проблеми го елиминираше Базел. По ремито од 0-0 во гости, Севиља на свој стадион славеше со 3-0 со головите на Рами и Гамерира, кој постигна два, во периодот од 35. до 45. минута.
Во Португалија Брага го совлада Фенербахче со 4-1. Првиот натпревар во Турција домашниот тим го доби со минимални 1-0, кои вечерва се покажаа недоволни за турскиот шампион и Брага се пласираше понатаму.
Во петтиот натпревар во Брисел, Шахтјор ја сочува предноста од првиот дуел со Андерлехт од 3-1 и после вечерашната победа од 1-0, украинската екипа е осмиот четвртфиналист.
Лига на Европа, 1/8-финале:
Андерлехт – Шахтјор 0-1 (прв натпревар 1-3)
Брага – Фенербахче 4-1 (0-1)
Манчестер Јунајтед – Ливерпул 1-1 (0-2)
Севиља – Базел 3-0 (0-0)
Тотенхем – Борусија Дортмунд 1-2 (0-3)
Баер Леверкузен – Виљареал 0-0 (0-2)
Лацио – Спарта Прага 0-3 (1-1)
Валенсија – Атлетик Билбао 2-1 (0-1)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.