„Ни треба победа над режимот, а не конфликт меѓу граѓаните“ рече завчера вечерта првиот човек на социјалдемократите Зоран Заев, откако организаторот на протестот против Уставниот суд – Соросовата „Ајде“ одлучи да ги прекине протестите и да се повлече. За кратко време демонстрантите се расчистија, а граѓаните што се одзваа на повикот на лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, во одбрана на работата на Уставните судии и уште од рано утрото истиот ден застанаа пред зградата на судот, останаа таму с` додека расправата на закажаната вчерашна седница не заврши, пишува ДНЕВНИК.
Извор за „Дневник“ во високите редови на СДСМ вели дека на членовите на партијата кои присуствувале на протестот не им било јасно зошто било одлучено да се повлечат, па направиле така како што рекла „Ајде“. Дел од нив реагирале дека повлекувањето не е начин да се заврши нешто што долго време жестоко и помпезно се најавуваше, но постапиле според волјата на мнозинството.
Истиот извор брифира дека тоа што СДСМ викендов одлучи да го поддржи протестот всушност е дел од стратегијата да се разгоруваат тензии меѓу граѓаните пред избори заради тоа што, како што вели, т.н. бомби, кои изминатата година ги презентира Заев, не го дале очекуваниот резултат- односно не го постигнаа ефектот да се намали поддршката кон ВМРО-ДПМНЕ и рејтингот на партијата кај народот.
– Ќе има уште протести, с` повеќе ќе се оди на тоа како се наближуваат изборите, вели нашиот извор.
Дали уличните протести и немири ќе бидат основниот предизборен метод на социјалдемократите во битката за власт?
На ова прашање вчера СДСМ не сакаше официјално да зборува. Велат дека не можат официјално да одговорат бидејќи за такво нешто воопшто не било разговарано во партијата. Но во истиот момент, пак, дополнуваат дека со сигурност ќе ги поддржат „сите протести во интерес на демократијата, слободата и вистината за Македонија“ организирани од која било, според нив, невладина организација. Со други зборови – демонстрации да, но под услов друг да ги организира.
Не одговорија ниту на прашањето зошто се повлекоа на завчерашниот протест.
– Kако можеме ние да кажеме зошто протестот заврши кога други се организатори. Идејата беше мирно да бдееме, но одлуката не беше наша и не можеме да зборуваме во име на организаторите. Не само сега, туку секогаш кога ќе се протестира за граѓанската слобода и демократија, под организациска палка на кој било, СДСМ ќе ги поддржи тие собири, велат неофицијално од „Бихаќска“.
Последни обиди пред избори
Дали преку уличните немири СДСМ ќе се обидува да издејствува одлагање на изборите? Нашиот извор во партијата вели дека Заев е веќе свесен оти изборите не ќе може да бидат одложени. Оттука, мобилизацијата на своето членство на улици ќе биде најчестата слика во месеците што следат до 5 јуни.
Инаку, на завчерашните протести против работата на Уставниот суд во првите редови стоеше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.