| четврток, 6 декември 2018 |

Пенали во Мадрид, повреди во Манчестер – фаворитите се изнамачија (видео)

atletico-madrid-psv-150316

Вечерва се одиграа два „тешки“ реванш-дуели во осминафиналето од Лигата на Шампиони.

Драматично беше во Мадрид, неочекувана неизвесност на дуелот меѓу Атлетико и ПСВ – шпанците се пласираа во 1/4-финалето после изведување на пенали, 8-7, откако регуларниот дел заврши без голови, исто како и во првиот дуел во Ајндховен.

Гостинската екипа прикажа одлична игра во првото полувреме. Поставија сигурна одбрана, ги затворија приодите кон својот гол, неколку пати се заканија на спротивниот… Домашните играчи единствената вистинска шанса ја имаа само преку Гризман, но гостинскиот голман извонредно интервенираше.

ПСВ изиграа цврст натпревар, без никаков страв му се спротивставија на фаворитот.

Како се ближеше крајот на регуларниот дел, двата тима играа повлечено, стануваа се повнимателни, јасно беше дека било каква грешка може да го одлучи четвртфиналистот.

Немаше гол до крајот, следуваа продолженијата. Во нив не видовме апсолутно ништо, само уште 30 минути досаден фудбал. Изгледаше како двете екипи со нетрпение да ги чекаат пеналите.

И стигна натпреварот во пенал-разрешница. Беа изведени дури осум серии. ПСВ шутираа први. После седум серии непромашен пенал на двете страни (7-7), во осмата трагичар беше Нарсинг откако неговиот шут заврши во пречката, а Хуанфран го потврди стопроцентниот учинок на неговата екипа, беше сигурен од белата точка – Атлетико е во четвртфиналето!

Пеналите:

Еве ги и најдобрите моменти од натпреварот (регуларниот дел и продолженијата):

 

Манчестер Сити имаа порелаксиран натпревар поради одличната предност што ја направија во првиот натпревар во Украина против Динамо Киев, па вечерва на „Етихад“ се одигра еден мирен, дури и досаден натпревар, барем во однос на голови…

kompany-man-city-dinamo-kiev

„Граѓаните“ си обезбедија 1/4-финале, но Пелегрини се соочува со други проблеми – повреди на двајца дефанзивци. Прво, по само пет минути игра се повреди Компани, повторно истегна мускул и не можеше да го продолжи натпреварот (сезонава има одиграно само 19 од 45 натпревари поради повреда). Потоа се повреди и другиот бек, Отаменди, па Пелегрини мораше да направи уште една принудна измена.

Украинците се обидуваа нешто, поради негативата од првиот натпревар не им остануваше ништо друго, но сепак беа премногу инфериорни пред далеку поквалитетниот противник. Имаше само еден шут во рамки на голот во првото полувреме.

Во вториот дел истата слика, споро темпо, многу прекини, Сити повлечен, Динамо немоќен да го направи натпреварот поинтересен после поразот од 1-3 на свој терен.

До крајот мрежите на двата гола останаа мирни. Манчестер сити се пласираше во четвртфиналето на Лигата на Шампиони. Викендот ги очекува градското дерби во домашната Премиер Лига, а допрва ќе дознаеме за тежината на повредите на двајцата дефанзивци и времетраењето на нивното отсуство.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top