| четврток, 6 декември 2018 |

Лукаку му пресуди на Челси и го исфрли од ФА купот (видео)

Everton-Chelsea-FA-Cup-Lukaku

Евертон е вториот полуфиналист во ФА купот откако на домашен терен ја совлада екипата на Челси со 2:0.

Во центарот на вниманието беше двојниот стрелец Ромелу Лукаку, но и „простиот“ Диего Коста кој повторно, по кој знае кој пат, ја покажа својата темна страна.

Пред Евертон, вчера пласман во следната фаза обезбеди Кристал Палас, а преостанатите два натпревари се играат утре, Арсенал – Вотфорд и Манчестер Јунајтед – Вест Хем.

Евертон беше подобар противник на теренот, креираше повеќе шанси и заслужено се пласираше во 1/2-финалето.

Челси за 90 минути не направи ниту една посериозна шанса, а при крајот на натпреварот извонредниот Ромелу Лукаку за пет минути постигна два гола за победа на екипата на Роберт Мартинез.

Белгиецот најпрво во 77. минута по одличната соло акција по левата страна го помина Кејхил и со левата нога шутираше во спротивниот агол од голот за водство од 1-0.

Само пет минути подоцна Лукаку ја надигра одбраната на „сините“, избегна офсајд замка и ја спроведе топката низ нозете на немоќниот Куртоа.

Челси во последните минути остана со играч помалку, откако Диего Коста заработи директен црвен картон. По еден дуел со Бери, Коста се нафрли на играчот на Евертон, по што судијата му го покажа патот кон соблекувалната.

Темпераментниот Диего Коста имаше и еден испад претходно, во 11. минута кога плукна во знак на револт за добиениот жолт картон, но судијата не го забележа тоа во мементот.

Евертон исто така во последните пет минути остана со 10 играчи на теренот, откако поради втор жолт картон беше исклучен Герет Бери.

До крајот остана резултатот непроменет и Евертон со победата од 2-0 се пласираше во 1/2-финалето на ФА купот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top